Рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во Албанија продолжуваат да важат без одреден рок, соопшти тамошниот Комитет на експерти за справување со пандемијата со ковид-19.
Тоа се: забраната за собири со повеќе од 10 лица на отворени и затворени места, забраната за партиски состаноци, собири и митинзи, забрана за конференции, празнични и свадбени церемонии и настани, како и погреби надвор од семејството. Останува и ограничената работа на угостителските објекти, кои работат само со испорака.
И понатаму останува во сила одлуката за полициски час од 22 до 6 часот наутро, освен за службите за итни потреби и медиумите. Полицискиот час беше воведен на 11 ноември за период од три недели, но поради влошената епидемиолошка состојба тој продолжува и натаму.
Наставата во универзитетите и работата на администрацијата ќе продолжи онлајн, како и комбинираната настава во основното и средното образование.
Претседателката на комитетот и заменик-министерка за здравство и социјална заштита, Мира Рајкацоли не ја отфрли можноста за воведување целосен карантин за викендите, иако засега не е разговарано за тоа.
Вчера во Албанија беше регистрирана рекордна бројка на новозаразени – 832 лица, што е 38 отсто од тестираните, додека починаа 12 лица сите во болнички услови. Во четирите ковид-болници се хоспитализирани 506 пациенти.
