Баша добил парична казна и му е одземена возачката дозвола поради непочитување на мерките против ковид-19
Лидерот на најголемата албанска опозициска партија Демократската Партија (ДП), Љуљзим Баша, доби парична казна, а одземена му е и возачката дозвола поради непочитување на мерките за заштита од ковид-19.
Баша престојувал во Драч каде што имал средба со претставници на трговскиот сектор во ресторан кој според предвидените мерки требало да биде затворен.
Возачката дозвола на Баша, кој живее во Тирана, му е одземена поради непочитување на мерката за забрана за напуштање на територијата на Тирана, затоа што е една од шесте општини кои се сметаат за црвена зона и се изземени од последниот пакет олеснети мерки на владата.
По веста што се појави на порталите и социјалните мрежи, албанската полиција го објави официјалниот записник од настанот.
„Претседателот на Демократската партија Љ.Б. е казнет со парична казна, а одземена му е и возачката дозвола. Исто така, сопственикот на локалот А.Х., каде што се одржал состанокот, е казнет со парична казна во износ од 8 000 евра. Парични казни добија уште десет други лица кои учествуваа на средбата“,
се вели во соопштението од полицијата.
Меѓу оние што добиле парична казна, според медиумите, е и претседателот на огранокот на ДП за Драч, Фердинад Џафери, и претседателот на трговската комора на овој град, Албан Истери.