Албанија ја регистрираше најмладата жртва од ковид-19. Станува збор за 21 годишно момче од Елбасан, кое е едно четворицата починати пациенти во последното деноноќие, јави дописничката на МИА од Тирана.
Меѓу починатите е и познатиот албански професор доктор Елмаз Елези (86), поранешен директор на Инфективната клиника во Тирана.
Досега од вкупно 469 починати најмладата жртва беше 23-годишна девојка.
Во Албанија, дневно во просек овој месец се регистрираат по 250 нови случаи со ковид-19 или позитивни се над 20 отсто од тестраните.
Денеска е регистриран нов рекорд на новозаболени или 306 од тестираните 1 412 сомнителни случаи, што е околу 22 отсто од тестираните.
Загрижувачки е и бројот на оние на кои им е потребно болничко лекување. Од 7 621, колку што се активно болни, моментно во двете Ковид болници хоспитализирани се 260 пациенти, од нив 15 се на интензивна терапија, додека шестмина се интубирани.
Од почетокот на пандемијата, во првите денови на март тестирани се вкупно 114 381 лице, позитивен резултат е добиен кај 18 556, додека оздравеле 10 466 лица.