Со ревизијата е опфатено и работењето на Аквапаркот, при што е утврдено дека во 2023 година вкупниот остварен приход изнесувал 4 290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аквапаркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи

Нефункционални објекти и реквизити, затворен Aквапарк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година.
Со ревизијата било утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10 901 илјади денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп. Три од договорите биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, додека другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија, информираат од ДЗР
Со извршените анализи било констатирано дека кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената, кај пет договори цената останала непроменета во однос на почетната и кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата.
Со ревизијата е опфатено и работењето на Аквапаркот, при што е утврдено дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4 290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аквапаркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи.
„Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот соларен систем кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Друштвото за набавка на соларниот систем има исплатено 25 945 илјади денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2 856 илјади денари. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели, системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение“,
се посочува во ревизијата.
Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на „Борис Трајковски“ за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот.
Во рамките на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1 декември 2023 година, ревизорите утврдиле дека друштвото, по препорака на Владата, му овозможило на МНР логистичка поддршка и асистенција за адаптација и надворешно уредување за потребите на настанот, кое било извршено од страна на МНР.
„По претходно спроведени постапки за доделување на договори за јавни набавки МНР склучило неколку договори со вкупна вредност од 124 234 илјади денари. Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на друштвото. Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение“,
посочуваат ревизорите во извештајот.
Тие го обелоденуваат начинот на кој во 2011 година била изградена и опремена спортската сала „Борис Трајковски“, преку задолжување од Град Скопје за износ од 260 491 илјади денари.
„Долгот кон Град Скопје требало да се отплаќа во три еднакви месечни рати, почнувајќи од 2011 година. Поради неповолната финансиска состојба на друштвото, враќањето на долгот е пролонгирано за 8 години и започнало дури во 2019 година, при што последната рата е исплатена во 2023 година. Имајќи предвид дека друштвото во континуитет од 2019 до 2022 година работело со загуба и неговата ликвидност била нарушена, сите средства за отплатата на долгот се обезбедени од Буџетот на државата, за што била зголемена основната главнина на друштвото во корист на државата“,
се истакнува во ревизијата.