Африм Гаши ќе раководи со Алтернатива во следните 4 години. На првиот конгрес на партијата тој попладнево ја доби довербата од мнозинството делегати.
„Тоа е чест и почит за мене и верувам дека нема да ги разочарам активистите и гласачите на Алтернатива, но и сите други граѓани, затоа што ова е голема одговорност за мене“,
изјави Африм Гаши, претседател на Алтернатива.
Како што пренесува Алсат М, конгресот заврши под сенка на незадоволството од пратеникот Скендер Реџепи и неколкумина други кои не се појавија. Тој не е задоволен од настапот на неговиот субјект во Владата за целите за кои станале дел од неа. Запрашан дали тоа значи раскол, Реџепи вели дека не дошол за да не се случи токму тоа, но дека во суштина има барања за одговорност од раководството.
„Пред неколку денови јавно ги кажав моите ставови во врска со учеството на Алтернатива во Владата, како и моето незадоволство што не се спроведува ниту една точка од договорот. Посакувам што поскоро да се реализираат предвидените програмски определби бидејќи интересот на граѓаните треба да биде над личниот интерес. Моето неучество беше токму за да се избегне можноста од поделби и се очекува реакција од раководството за владината платформа“,
изјави Скендер Реџепи, пратеник на Алтернатива.
Но, Гаши вели дека Реџепи не бил единствениот делегат кој не дошол и оти одлуката е лична, пренесува Алсат М.