Поради немањето цензус во два наврати не беше избран ниту градоначалник на Маврово и Ростуше каде, исто така, ќе се одржат избори на 20 август. Тогаш и тетовци ќе гласаат за нови советници бидејќи досегашните не успеаја да ја усвојат завршната општинска сметка согласно рокот до 31 март
Актуелниот градоначалник на Центар Жупа, Аријан Ибраим, е единствен кандида за градоначалник на оваа општина за изборите закажани за 20 август.
„До Општинската изборна комисија (ОИК) пристигна само една кандидатура, која е и потврдена од наша страна. Тоа е кандидатурата на Аријан Ибраим од Турската демократска партија. Сакам да напоменам дека како и претходните два изборни циклуси немавме независна кандидатска листа“,
изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на ОИК за Центар Жупа.
Изборот за градоначалник се повторува бидејќи не беше обезбеден потребниот цензус за излезност од една третина или 33 отсто од вкупно запишаните гласачи на редовните локални избори на 17 октомври 2021 година. Ист беше случајот и по обидот да се избере градоначалник на 17 април годинава. Тогаш како противкандидат на Ибраим беше Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците.
Цензусот за излезност не беше обезбеден во два наврати поради фактот што над 60 отсто од популацијата во оваа општина живее во некоја од западноевропските земји.
Покрај во Центар Жупа, ист е случајот и со Маврово и Ростуше каде, исто така, на 20 август ќе се гласа за градоначалник.
За истиот датум закажано е гласање и за избор на нов состав на Советот на Општина Тетово каде тој беше распуштен бидејќи советниците не успеаја до 21 март годинава а ја усвојат завршната општинска сметка согласно членот 75 од Законот за локална самоуправа.
Photo: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
