Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, и левиот бек Енди Робертсон ја предводеа поворката со симболични цвеќиња во форма на бројот 20 и бројот 30, кои ги носеа починатите браќа

Фудбалери на клубот Ливерпул и членови на стручниот шта,б како и колеги од фудбалската репрезентација на Португалија денеска се собраа во градот Гондомар на погребот на нивниот доскорашен соиграч Диого Жота, кој загина заедно со својот помлад брат Андре Силва во сообраќајна несреќа во Шпанија во четвртокот.
Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, и левиот бек Енди Робертсон ја предводеа поворката со симболични цвеќиња во форма на бројот 20 и бројот 30, кои ги носеа починатите браќа.
На погребот присуствуваа и поранешни соиграчи на Диого Жота.

Сопругата на Диого, Руте Кардосо, со која имаше три деца, беше придружувана од членови на семејството. Љубовта меѓу Жота и Руте датираше од детските денови, а се венчаа во Порто на 22 јуни годинава.
Браќата загинаа во шпанската покраина Замора во близина на границата со Португалија откако автомобилот со кој биле упатени кон Сантандер, од каде Диого со фери требало да пристигне во подготвителниот камп во Ливерпул, излетал од автопатот.
Според сведоците кои се јавиле на службите за итна интервенција, автомобилот бил во пламен.

Диого Жота кариерата ја започна во Пакош Ферерира во 2014 година. По две години се пресели во Атлетико Мадрид, а потоа патот преку Порто и Вулверхемптон го однесе во Ливерпул.
За Ливерпул, со кој минатата сезона стана англиски шампион по вторпат, потпиша во 2020 година. Ливерпул за неговиот трансфер издвои 40 милиони фунти.
Веќе извесно е дека англискиот клуб ќе го пензионира бројот 20 во вечно сеќавање на Жота. Клубот чие лого гласи “You’ll never walk alone” („Никогаш нема да одиш сам“) се обврза да го исплати целосниот договор на Диого кон неговото семејство, како и тоа да се погрижи за школувањето на неговите три деца.
