Во првото официјално соопштение од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од започнувањето на акцијата за заплена на марихуана се наведува дека македонското обвинителство е во комуникација со српското „со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната“
Од соопштението на ОЈО ГОКК може да се заклучи дека случајот е во фаза на предистрага. Се наведува дека се сослушуваат сведоци, но не се споменуваат евентуално осомничени лица
И натаму е во тек големата акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР) во која досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица во земјава. Акцијата започна по заплената на 5 тони марихуана во соседна Србија за кои тамошните медиуми соопштија дека е со потекло од земјава.

За да се утврди евентуална поврзаност на случаите и потеклото на марихуаната, од ОЈО ГОКК велат дека се во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Србија.
Во врска со акцијата во која се запленети рекордни количини марихуана во земјава, од македонското Обвинителство информираат дека во континуитет се преземаат активности во соработка со МВР и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели во рамки на Министерството за здравство. Се сослушуваат и сведоци, со цел прибирање релевантни докази и факти за постапката.
„Постапувањето се одвива во континуирана координација со ОЈО ГОКК како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги. Обвинителството заедно со надлежните институции продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана“,
велат од Јавното обвинителство на Македонија.
Во акцијата на ОЈО ГОКК и МВР досега се запленети над 40 тони дрога на повеќе локации во Скопје и во Струмица.
Од соопштението на ОЈО ГОКК може да се заклучи дека случајот е во фаза на предистрага. Во него не се споменуваат евентуално осомничени или приведени лица.
Мицкоски: Не знам дека запленета марихуана во Србија излегла од Македонија
Во врска со евентуалната поврзаност на случаите, како и сомнежите дека фатените пет тона марихуана во Србија биле изнесени од земјава, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека нема информации оти запленетата марихуана во Србија била излезена од Македонија, а такви информации, како што рече, нема ниту МВР.
Премиерот ова го кажа во одговор на новинарско прашање:
„Од каде информацијата дека од државава се излезени пет тона марихуана, од каде знаете дека се потекнати од тука? Треба да дојдете да дадете исказ бидејќи јас не знам, а мислам дека и МВР не знае. Многу повеќе верувате на влада на сосед отколку на нашата влада.“
