Според неофицијални информации објавени во дел од медиумите, во акцијата се приведени неколку лица, а меѓу уапсените е и Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење матични книги, од редовите на ДУИ
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од ноќеска спроведува акција на повеќе локации во Скопје и во Куманово поради сомнение за сторени кривични дела од финансиско-економска природа. Акцијата е во координација на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи.

Ниту од МВР ниту од ОЈО ГОКК засега не споделуваат детали во врска со акцијата, а повеќе информации најавуваат по завршување на теренските активности.
Според неофицијални информации објавени во дел од медиумите, во акцијата се приведени неколку лица, а меѓу уапсените е и Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги, кадар на ДУИ.
Во меѓувреме, МИА објави дека во изјава за медиумите информацијата ја потврдил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој одговарал на новинарски прашања по учеството на промоцијата на фотоволтаична централа поставена на Центарот за обука на МВР.
