Според Центарот за управување со кризи, активни се пожарите во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во атарот на селото Слупчане, како и во парк-шумата Водно
Центарот за управување со кризи (ЦУК) доцна попладнево информира дека денеска до 18 часот на територијата на целата држава се евидентирани вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои три се активни, а 16 се изгаснати.

Според ЦУК, активен е пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ на територијата на Општина Македонски Брод, каде гори мешана шума.
Активен е и пожарот во Општина Липково, во атарот на селото Слупчане, каде што гори борова шума. Истото важи и за пожарот во парк-шумата Водно на територија на Општина Центар, каде гори сува трева.
Претходно денеска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека и натаму најтежок за гаснење е пожарот во „Јасен“.
„Најголем проблем претставува пожарот во ‘Јасен’. Таму заврнал ситен дожд, но не бил доволен за гаснење на овој пожар. Рано утрово со дејство на пожарот кај ‘Јасен’ започнаа два ’ертрактори’, кои дејствуваа подолго време со прецизно фрлање вода врз еден крај, со што спречија ширење на огнот кон страната на селото Брезница“,
изјави Ангелов.