Од МЗ соопштија денеска дека С Македонија е прва во регионот по бројот на граѓани кои се вакцинирани со барем една доза во изминатиот месец и половина. Поточно, во периодот од 5 јули до 24 август, бројката на барем една аплицирана доза на сто жители во земјата е зголемен за над 14 проценти
Со 36 починати во еден ден вчера е постигнат црн рекорд во четвртиот бран на ковид-19 во земјава, со што бројката на смртни случаи од почетокот на пандемијата се искачи на 5 818. Меѓу починатите е и 24-годишно момче од Ресен.
Бројката на новозаразени во изминатиот период се движи по околу 1 000 дневно. Анализите на МЗ покажуваат дека 83 отсто од новозаразените не биле вакцинирани, а меѓу хоспитализираните тој процент е 89. Од починатите во август, 10 отсто биле вакцинирани и, главно, имале повеќе хронични заболувања, според податоците на МЗ.
Од МЗ соопштија денеска дека Северна Македонија е прва во регионот по бројот на граѓани кои се вакцинирале со барем една доза од вакцината во изминатиот месец и половина. Според последните податоци, во периодот од 5 јули до 24 август, бројот на барем една аплицирана доза на сто жители во земјата е зголемен за повеќе од 14 отсто. Според МЗ, тоа е највисок напредок во споредба со земјите од регионот и јасно укажува на зголемениот интерес за имунизација кај населението.
Во истиот период, веднаш по Северна Македонија се наоѓаат Косово, со 10,64 отсто, Албанија и Грција со 8,61 отсто и Црна Гора со 8,04 отсто зголемен процент на вакцинирани граѓани со барем една доза од вакцината. Зголемувањето во Босна изнесува 7,95 отсто, додека во Словенија 6,9 отсто. Најмал напредок во регионот забележан од 5 до 24 август има во Србија, односно 2,49 отсто, и Бугарија со само 1,66 отсто зголемен процент на вакцинација.
Најновата анализа на Министерството за здравство говори дека од 6 до 26 август со ковид-19 се заразиле 17 020 граѓани во државата. Од нив, 2 924 или 17 отсто се целосно вакцинирани.
Заклучно со вчера, во земјава се активни 13 697 случаи на ковид-19, а бројката на ковид-детектирани од почетокот на епидемијата стигна до 173 689.
Само 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, наведоа вчера од МЗ.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со ковид-19, од кои 246 не биле вакцинирани.
Министерството за здравство информира и дека најголем раст на реинфекции со ковид-19 е детектиран во период од 15 август до 22 август. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот.
„Укажуваме на важноста од вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“,
апелираат од МЗ.