Пожарот кој избувна над Радовиш се претвора во тежок шумски пожар бидејќи огнот влезе во борова шума, информира попладнево директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Според него, станува збор за пожар на околу седум километри од градот, а во близина има и викенд-населба, па ќе се направи обид за пренасочување на воздухопловите. Прогнозата е лоша рече тој, бидејќи од искуство, пожарите во борова шума се многу тешки за гаснење.
Најсериозен и најтежок пожар се уште е на планината Серта, кој сега се простира делумно на територијата на Штип и делумно на територијата на Неготино.
„За жал, попладнево овој пожар уште повеќе се разгоре. Моментално таму дејствува еден турски хелихоптер и најверојатно попладнево ќе му се придружи и еден полициски хелихоптер. Покрај ова, голем пожар имаме и во Општина Ново Село, на границата со Бугарија, на планината Огражден каде што денеска цел ден дејствуваат четири ер трактори – два на Дирекцијата и спасување и два турски ер тракори. Имаме голем успех со дејствувањето на ер тракторите. Пожарот е при крај да биде локализиран. Јас сум голем оптимист и сметам дека вечерва овој пожар ќе биде локализиран за да можеме утре ер тракторите да ги упатиме кај големиот пожар кај планината Серта,“
вели Ангелов.
Утре претпладне се очекува да пристигнат и два хелихоптери од Словенија – еден голем хелихоптер со носивост од пет тона од Србија, а најавен е и еден хелихоптер од Црна Гора.
„Овие ресурси добар дел од нив ќе ги сконцентрираме на планината Серта и во зависност од развојот на состојбата и на некој од другите шумски пожари затоа што состојбата се менува од минута во минута,“
рече тој.
И министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека на седницата на Управувачкиот комитет за координација на системот со управување со кризи се утврдила потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во водухоплови, кои ќе се вклучат во гасењеето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата.
„Министрите изразија благодарност до пријателските земји кои ни помагаат во справувањето со огнената стихија“,
соопшти Тошковски.
Владата во саботата прогласи кризна состојба поради зголемениот број на пожари во земјава.