Јованоски, кој е повикан во полициска станица, е еден од 11-темина членови на Левица кои на 11 Октомври застанаа пред споменикот во Прилеп и го попречија патот на државните делегации кои требаше да положат цвеќиња
Активистот на Левица, Иван Јованоски, кој на 11 Октомври – Денот на народното востание му дофрлаше на премиерот Зоран Заев, додека владина делегација положуваше цвеќе на Могилата на непобедените во Прилеп, е повикан на разговор во полициска станица, објави претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Народниот херој од 11 октомври од Прилеп – носителот на нашата советничка листа Иван Јованоски, кој му го покажа местото на Заев на буништето од историјата, денеска е повикан на распит во полициска станица!? Говорете ми нежно за ’турнав режим со пенкало‘“,
пишува Апасиев во статус на Фејсбук, во кој реагира и дека рапери кои се на советничката листа на Левица за Аеродром наместо прекршочно се гонат кривично.
Јованоски, кој е повикан во полициска станица, беше еден од 11-темина членови на Левица кои на 11 Октомври застанаа пред споменикот во Прилеп и го попречија патот на државните делегации кои требаше да положат цвеќиња. Делегациите од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, од Владата, од Собранието, од Армијата, од Сојузот на борци, дипломатски делегации и други, мораа да ги заобиколуваат за да стигнат до местото каде требаше да положат цвеќе и да оддадат почит.
„Ти немаш лице да се појавиш овде. Му се п… на сите што се овде загинати. Треба да си славите празникот во Бугарија таму, ова не е ваша територија“,
дофрли активистот до премиерот Зоран Заев кога владината делегација положуваше цвеќе.
„Да посетите психијатар“,
му одговори Заев.
„Ќе видиме кој е за на психијатар, да одиме заедно ако сакаш. Срамота, како не ти е срам“,
му возврати Јованоски.