Досега во воената операција на американските сили наречена операција „Јужно копје“ убиени се најмалку 83 лица во 21 ракетен напад врз бродови за кои се тврди дека превезуваат наркотици во САД
Американскиот претседател Доналд Трамп им кажал на соработниците дека планира директно да разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, објави денеска порталот „Аксиос“ повикувајќи се на извори од американската администрација.

Порталот наведува дека засега нема прецизни информации за тоа кога би можел да се одржи средбата, освен дека е во тек неговото планирање.
„Никој не планира да влезе во Венецуела, да го застрела Мадуро или да го киднапира. Не би рекол никогаш, но тоа не е планот во овој момент. Во меѓувреме, ќе ги дигнеме во воздух бродовите што превезуваат дрога. Ќе ја запреме трговијата со дрога“,
рекол неименуваниот функционер.
Досега во воената операција на американските сили наречена „Операција Јужно копје“ убиени се најмалку 83 лица во 21 ракетен напад врз бродови за кои се тврди дека превезуваат наркотици во САД.
„Имаме тајни операции, но тие не се наменети да го убијат Мадуро. Планирани се за да се спречи труењето со дрога. Меѓутоа, доколку Мадуро си замине, нема да пролееме солзи. Тој е наркотерорист“,
рекол претставникот на Белата куќа.
Во меѓувреме американскиот генерал Ден Кејн, за кого се вели дека е мозокот на операцијата „Јужно копје“, го посети Порторико, каде што се стационирани околу 10 000 припадници на американските сили.
САД вчера официјално го означија венцуелскиот наркокартел Картел на сонцата како терористичка организација.
Администрацијата на Трамп го обвини Мадуро дека го предводи картелот, што тој го негира.
