Едностран документ што Американците им го предале на украинските претставници во Париз минатата недела наведува дека станува збор за „конечна понуда“ од претседателот Трамп. Белата куќа соопшти дека е подготвена да се повлече од разговорите доколку завојуваните страни наскоро не постигнат договор

Соединетите Американски Држави очекуваат Украина денеска да одговори на мировната рамка што вклучува признавање на Крим од страна на САД како дел од Русија и неформално признавање на руската контрола врз речиси сите области окупирани од инвазијата во 2022 година, изјавиле за американскиот портал „Аксиос“ извори запознаени со предлогот.
Едностран документ што Американците им го предале на украинските претставници во Париз минатата недела наведува дека станува збор за „конечна понуда“ од претседателот Трамп. Белата куќа соопшти дека е подготвена да се повлече од разговорите доколку завојуваните страни наскоро не постигнат договор.
Предлогот на Трамп би барал големи отстапки од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно ја отфрли можноста за руска окупација на Крим и делови од четири источни украински региони. Иако рускиот претседател Владимир Путин наводно понудил замрзнување на сегашните фронтовски линии како дел од евентуален договор, тој претходно ги отфрлил другите елементи од американскиот план, како што е присуството на европски мировни сили на украинска територија.
Извор близок до украинската влада вели дека Киев предлогот го смета за многу пристрасен и во корист на Русија
„Во предлогот многу јасно се наведува што конкретно добива Русија, додека она што го добива Украина е опишано нејасно и во општи црти“,
вели изворот.
Што добиваат Русите, а што Украинците?
Според предлогот на Трамп, Русија би го добила следното:
- де јуре американско признавање на руската контрола врз Крим
- фактичко признавање на руската окупација на речиси целиот регион Луганск и делови од регионите Донецк, Херсон и Запорожје
- ветување дека Украина нема да стане членка на НАТО (но би можела да се приклучи на Европската Унија)
- укинување на санкциите воведени од 2014 година
- зголемена економска соработка со САД, особено во енергетиката и индустријата.
Украина, според предлогот на Трамп, би го добила следното:
- „силна безбедносна гаранција“ што вклучува ад хок група од европски и потенцијално други држави, но без јасен опис за тоа како би функционирала оваа мировна операција и без американско учество;
- враќање на мал дел од регионот Харков под руска окупација;
- непречен премин по реката Днепар;
- надомест и помош за реконструкција, без наведени извори на финансирање.
Американско управување со нуклеарната централа Запорожје
Дополнителни елементи на планот вклучуваат нуклеарната централа Запорожје формално да остане украинска, но да биде управувана од САД, а електричната енергија да оди и во Украина и во Русија. Планот се однесува и на договорот меѓу САД и Украина за минерали, кој Трамп треба да го потпише утре.
Планот беше составен откако претставникот на Трамп, Стив Виткоф, разговараше со Путин повеќе од четири часа минатата недела. Откако го презентира планот, Путин понуди замрзнување на инвазијата по сегашната линија на фронтот, што е најсилниот сигнал досега за подготвеност за компромис, но европските претставници остануваат скептични.