„Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва. Министерството ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за сите понатамошни активности и наоди поврзани со настанот“, соопшти Министерството за животна средина

Министерството за животна средина и просторно планирање вечерва информираше дека фирмата „Ф-Групација“ од Трубарево во која денеска избувна пожар, се занимава со рециклирање батерии и електронски отпад.
Од Министерството велат дека станува збор за објект кој поседува валидна дозвола за управување со отпад, издадена од нивна страна.
Додаваат дека акредитирани лаборатории вршат мерење на квалитот на воздухот, а првите резултати се очекуваат вечерва.
„За да се обезбедат точни и транспарентни информации во врска со евентуалното влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните, Министерството ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона. Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва! Министерството ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за сите понатамошни активности и наоди поврзани со настанот“,
соопшти Министерството за животна средина.
Министерството упати препораки до граѓаните во погодената област за заштита на здравјето.
1. Останете дома – избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот
2. Затворете ги прозорците и вратите за да се намали можноста за внесување загаден воздух во просториите
3. Исклучете надворешна вентилација, избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор
4. Заштитете ги ранливите групи – децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор
5. Користете заштитни маски – ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3
6. Бидете внимателни со храна и вода – темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори
7. Следете ги официјалните информации, редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството за животна средина апелираше на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.
Инаку, денеска околу 13:30 часот избувна пожар во фабриката „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, на територија на Општина Гази Баба. Пожарот произведе голем црн облак од чад видлив од цело Скопје и околината. Надлежните информираа дека се користат сите располижливи средства за справување со огнот.
Граѓаните на социјалните мрежи изразуваат силна загриженост за здравјето бидејќи мирисот на изгорено се чувствува низ цело Скопје и околината.
Претходно, ИЈЗ излезе со препораки за заштита на здравјето и благосостојбата на сите граѓани во случаи кога постои евентуален ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни материи.