Неговата изјава е во контекст на информацијата дека Србија в понеделник ќе ги добие првите 5 000 дози од вакцината на „Фајзер“
Доколку земји во регионот ги добијат вакцините против ковид овие денови, ние не смееме да чекаме до март, туку државата мора да направи се, што е можно побрзо тие да стигнат и кај нас, смета претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во интервју за Канал 5 ја коментираше информацијата дека во Србија в понеделник пристигнуваат првите 5 000 дози од вакцината на „Фајзер“.
„Ние од Западен Балкан, генерално, не смееме да си дозволиме првите вакцини да ги добиеме во март. Ако Србија ги добие првите 5 000 дози од понеделник, државата мора да направи што треба да направи, ние да не чекаме и да не останеме последни да се вакцинираме. Ако другите добиваат, ние не може да добиеме во март. Мислам дека март е доцна. Друго е ако се работи за земја – членка на ЕУ“,
вели Пендаровски, додавајќи дека сепак ова го говори како цивилно лице, а не како стручњак.
Тој повтори дека ќе се вакцинира и како личен пример за другите, во услови кога преку социјалните мрежи се шират лажни вести.
„Срамота е во 21 век да се чита дека со вакцината Бил Гејтс ќе не чипира и ќе управува со нас. Не може некои шарлатани да не учат во 21 век дека ќе не чипираат, па 5Џи , навистина ми е срам да зборувам за тоа“,
вели Пендаровски.
Тој говореше во контекст на изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека првите 400 000 граѓани со вакцините против ковид од Ковакс механизмот ќе бидат вакцинирани во март, за чија набавка Владата веќе го платила минатата недела авансот.
Филипче во изјава за Сител објасни дека се преговара за набавка на над 800 000 вакцини против ковид-19 по три механизми- Ковакс, директен контакт со „Фајзер и „Астра Зенека“ и преку Европската Унија.
Комесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во разговорите со министрите за надворешни и европски работи на земјите од Западен Балкан за координација на стратегиите за вакцинација изјави дека се работи на координација и издвојување средства, Западен Балкан да ги добие вакцините во исто време кога и земјите од ЕУ.