Бранителот на Васев, адвокатот Боби Спирковски оцени дека на денешното рочиште можеле да се слушнат многу контрадикторни искази, од кои може да се заклучи дека се однапред договорени и смислени за да им се наштети на обвинетите со, како што кажа, бомбастични изјави
„Предмет на ова обвинение е несовесно лекување на болни и во таа насока, ниту еден од денеска сослушаните сведоци не изнесе ниту еден аргумент што доктор Симонида Црвенкова направила за да се стекне впечаток дека таа несовесно постапила кон некој од пациентите“, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е бранител на обвинетата докторка Црвенкова
Зошто Обвинителство не ги гони докторите и за примање поткуп, штом предлага сведоци кои изнесуваат такви тврдења. Ова прашање, по завршувањето на денешното рочиште за предметот „Онкологија 1“ во изјава за медиумите го постави адвокатот Боби Спирковски, кој е дел од одбраната првообвинетиот во случајот, Нино Васев, поранешен директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Повод за ваквата реакција на одбраната се исказите на дел од сведоците на Обвинителство, кои во Судот рекоа дека морале да даваат мито за нивни блиски да добијат терапија.
Спирковски оцени дека на рочиштето денеска можеле да се слушнат многу контрадикторни работи, од кои може да се заклучи дека се однапред договорени и смислени за да им се наштети на обвинетите со, како што кажа, бомбастични изјави.
Коментирајќи ја изјавата на сведокот кој кажа дека откако ќе влезеле во кабинетот на Васев „се почестувале за кафе“, како што бил договорот и потоа тој го давал лекот на медицинска сестра за аплицирање, Спирковски рече дека најчудно е тоа што сведокот вели дека не го пријавил поткупот оти не знаел каде да го направи тоа.
„На прашањето зошто не сте го пријавиле доктор Васев, рече не знаев каде да го пријавам. Па се знае кога некој ти бара поткуп, каде се пријавува, во полиција. Како што и тој правел, тогаш кога, некои вработени биле фатени во кражба на лекови, пријавувал во полициската станица ‘Беко’“,
изјави Спирковски.
Адвокатот, посочи дека, денеска имало уште едно сведочење за барање пари од друг доктор во постапката, што според него го отворање прашањето зошто обвинителството не ги обвинило лекарите и за давање и примање на поткуп.
„Прво, да разјасниме, една работа, од правен аспект оваа постапка не се води за кривично дело давање и земање поткуп. Ако Обвинителството имало такви сознанија, а очигледно имало штом ги предлага токму овие сведоци што даваат таков драстичен исказ, зашто не ги обвинило лекарите и за давање и примање на поткуп. Зошто, сега се оди со вакви сведоци, очигледно, однапред инструирани, бидејќи таа точно знае какви прашања да постави, а ние немаме никаков записник од сослушувањето на тие сведоци. Ние, едноставно бевме фатени неспремни. Тоа не се прави, тогаш нема одбрана, не знаеме што се случило, а таа се знае“,
рече адвокатот.
Спирковски додаде дека во случај на давање и примање поткуп, еднакво одговараат и тој што го дал и тој што примил.Според него, во оваа ситуација ваквите сведоци свесно се изложени на кривично правен прогон.
„Ако тоа се докаже за доктор Нино Васев и за доктор Симонида Црвенкова, тие две што тоа го направиле, што го дале, подеднакво ќе бидат осудени како и докторите. Тоа некој требало да им го каже“,
рече Спирковски.
Во идентична насока беше и коментарот на бранителот на обвинетата докторка Симонида Црвенкова, адвокатот, Владимир Туфегџиќ, кој во изјава за медиумите рече дека Обвинителството некоректно се служи со сведоци кои ќе изнесуваат неосновани дискредитации за обвинетите.
„Предмет на ова обвинение е несовесно лекување на болни и во таа насока, ниту еден од денеска сослушаните сведоци не изнесе ниту еден аргумент што доктор Симонида Црвенкова направила за да се стекне впечаток дека таа несовесно постапила кон некој од пациентите“,
изјави Туфегџиќ.

Во однос на првиот сведок, Туфегџиќ, рече дека во случајот со нејзината мајка се работи за галопирачки канцер и на бели дробови и на бубрезите.
„Она што е најбитно, сите денеска сослушани сведоци многу добро знаеле дека во конкретниот случај се работи за неизлечива болест, потврдија дека доктор Симонида направила се што е во нејзина моќ, така што, зачудува само оној факт и тука сум во дилема, дали тие воопшто ги разбрале поуките на судот, сите и покрај тоа да се приклучат кон оштетното побарување и кривичниот погон“,
рече Туфегџиќ.
