Тој ги нападна и медиумите за нивното работење и известување, па рече дека станува збор за „багра“ и професија која е корумпирана од банкарскиот сектор
Инаку, пред Палевски да започне со исказот, судот го доврши испитувањето на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, кој е обвинет за помагање во извршувањето на грабнувањето. Тој рече дека на Вања ѝ пратил СМС на нејзиниот телефон во периодот до 13 до 15 часот, не можејќи да се сети точно на времето

Ниту сум ги извршил убиствата ниту грабнувањата, рече првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо на денешното рочиште за судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Тој, одговарајќи на директни прашања на неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, кажа дека ако сакал да оствари некакво користољубие тоа ќе го сторел со уцена на, како што кажа, милијардери со „ферари“, но не го сторил тоа.
„Не сум ги извршил убиствата и грабнувањата. Во депото на обвинителството, мислам на скопското, се наоѓа хард-диск ’тошиба’ кој ми го одзедоа и каде што има гнасотии за оваа политичка елита и на новинарската професија. И ако сум сакал да остварам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со ‘ферари’, но тоа не сум го направил”,
рече Палевски.
Инаку, Палевски својот исказ, одговарајќи на прашања на неговиот адвокат, го почна со опис за тоа кој е, за потоа да каже што работел на почетокот на ноември 2023 година пред убиствата. Тука ги смести и мотивите за, како што кажа, неговата морална ликвидација од страна на тогашната власт.
„Ако тргнеме наназад, регистрирав партија и бев избран за нејзин претседател. Дваесет години се занимавам со политика, претходно градев згради. Она што е во интерес на процесот и ќе го објаснам, е што во ноември бевме конфронтирани со тогашната актуелна влада и политичките процеси што се одвиваа тоа време. Тогаш организирав собирање потписи за референдум против Договорот за добрососедство со Бугарија за да се изјасни народот за ова. Сметав и сè уште сметам дека прашања за историјата и идентитет не смеат да бидат одлука на еден политички субјект туку за нив треба да се изјасни народот. Во Собранието комисијата која одлучува за такви прашања иницијативата беше одбиена од тривијална причина затоа што името на договорот било погрешно напишано”,
рече Палевски.
Ги наброја поткастите што ги водел тие денови, а кои се емитувале во среда, петок, сабота и недела. Кажа дека во серијал на еден од поткастите биле објавени документи за ирански државјанин кој преку банки во Македонија вршел набавка на ирански дронови „шахед“.
Објавил само неколку документи оти другите доцнеле. Тоа било причината еден поткаст да биде одложен и наместо на 26 ноември во 21 часот, се емитувал на 28 ноември во истиот термин, наведените денови.
На прашање на Страшевски дали се чувствува како монструм и убиец како што бил опишан од МВР и Обвинителството на првите прес-конференции, Палевски рече ниту едното ниту другото.
„Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари во Македонија. Токму тој криминал е доволна причина да се изврши морален атентат на еден човек”,
рече Палевски.
Тој ги нападна и медиумите за нивното работење и известување, па рече дека станува збор за „багра“ и професија која е корумпирана од банкарскиот сектор.
„Без поддршка од банкарскиот сектор нема да постојат. Една година врескаа дека има докази. Додека бев во Турција од адвокатот кој ме застапуваше таму ми донесе скриншотови од објави во медиуми. Од пресот на на 5 декември има само едно вештачење од телефонот на Панче Жежовски за ДНК, сите други вештачења се после 5 декември. Кој ги лажел медиумите. Зад мене е една професија која пренесува лаги, кои се истурени во огромно количество. Директорот на затвор вршел приватни истраги, ги тепал и распрашувал обвинетите и ги праќал до сведокот Гоце Трајковски. Така се хранети медиумите со лаги, кои биле должни да ги проверат за да се заштити не само мојот туку интегритетот на убиеното дете“,
рече Палевски.
Тој се наврати на иницијативата за референдум за Договорот со Бугарија, велејќи дека Десна била единствената партија која барала рефердумско изјаснување за како што кажа агресивната бугарска политика
„Тоа се причините за ваков линч од портали и кои се под контрола на СДС и ДПМНЕ“,
рече тој.
Палевски беше прашан и за познанството со другите обвинети. Рече дека ги познава сите, освен Александар Ѓорчевски, чие име првпат го видел во кривичната пријава. А, за другите тројца даде и опис за тоа какви биле како луѓе.
„Кешишев беше домаќин во партијата, политички неук, но стабилен кој си ја сака државата. Велибор го знам од регистрацијата на движењето, амбициозен и алчен за пари. Боре Видевски во Десна го зачлени Велибор, скромен, дисциплиниран и посветен на работата, не сум имал можност социјално да се дружам со него“,
тврдеше Палевски.
За Велибор кажа дека имал конфликти со членови на партијата на кои им должел пари, а недоразбирањата ги решавал Палевски со враќање на долговите.
Палевски зборуваше и за неговото патување во Белград и потоа во Турција, а ја раскажа и неговата верзија од апсењето, па до екстрадицијата во Македонија. Зборуваше и за неговата здравствена состојба.
Инаку, пред Палевски да започне со исказот, судот го доврши испитувањето на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, кој е обвинет за помагање во извршувањето на грабнувањето.
Судијата Ивица Стефановски го праша Ѓорчевски за собирањето на снимките од безбедносни камери. Обвинетиот раскажа од каде и како ги собирале снимките, а судијата се интересираше и повторно го праша обвинетиот зошто им се видел сомнителен „ситроенот“.
„Во средата (29 ноември 2023 г.) се фокусиравме на возилата. Тоа што беше сомнително кај ’ситроенот’ е тоа што се движеше многу бавно, исфрлаше густ чад, што навестуваше дека е тазе запалено, целото беше замаглено и хаубата му беше замрзната и изгледаше дека тргнало од тука некаде кај зградата”,
рече Ѓорчевски.
Тој додаде дека возилото се движело поинаку од другите возила и дека изгледало „како изгубено“.
На прашање на судијата рече дека на Вања и пратил СМС на нејзиниот телефон. Појасни дека биле две пораки, кои ги пратил отприлика во периодот до 13 до 15 часот, не можејќи да се сети точно на времето.
Рече дека точно се сеќава на нивната содржина.
„Првата порака гласаше: ‘Сè што ќе побарате, се ќе направиме’. Подоцна ми текна да напишам уште една порака со содржина: ‘Од родителите’“,
рече Ѓорчевски појаснувајќи дека се надевал дека тие што ја зеле ќе го вклучат телефонот и ќе ги видат пораките.
По паузата, денешното рочиште продолжува со исказот на Палевски.