„Навистина треба да се поведе повеќе сметка околу процесот на децентрализаицја, зашто ако некој не може тоа да го прави, тогаш да интервенираме законски, барем да ги преземеме ингеренциите и да ја стабилизираме состојбата“, вели премиерот
Како влада нема да седиме и немо да набљудуваме што ќе се случува, но да дадеме шанса и да видиме денеска или утре дали ќе има повторна набавка и дали ќе се предомислат некои од економските оператори. Ова денеска на прес-конференција го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарското прашање што ќе преземе Владата ако пропадне тендерот за набавка на нафта за автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП).
„Направиме се што можеме да направиме. Од нас се бараше двојна помош и тоа го направиме. Позајмивме 250 илјади литри нафта. Тие треба утре или задутре да се потрошат. Од друга страна, се бараше од Бирото за јавни набавки да се даде позитивно мислење за непосредна спогодна . И тоа се овозможи. Останатото е до Градот“,
рече тој.
Посочи дека доколку пропадне тендерот, ќе мора повторно како Влада да помогнат со одредена позајмица да интервенираат за ЈСП.
„Но, се поставува прашањето до кога вака. Навистина треба да се поведе повеќе сметка околу процесот на децентрализаицја, зашто ако некој не може тоа да го прави, тогаш да интервенираме законски, барем да ги преземеме ингеренциите и да ја стабилизираме состојбата“,
вели премиерот.
Во меѓувреме, како што рече Мицкоски, се продолжува со анализа на пазарот и со подготовка на тендерот за набавка на 100 до 120 електрични автобуси.
За надминување на проблемот, Владата донесе одлука со која се овозможува да му се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
Во меѓувреме беше распишан нов тендер за набавка на нафта за ЈСП по поништувањето на првиот тендер поради што главниот град се најде во ситуација да биде опслужуван само со 30-ина автобуси, а останатите беа паркирани во гаражите поради недостиг на нафта.