Доколку потрошувачката на електрична енергија, пак, не се зголеми од 1 декември, министерот Бектеши кажа дека нормално е да не бидат ставени во функција сите капацитети и непотребно да прават трошоци оти, како што додаде, треба да се штеди мазут и јаглен. Средствата што ќе се заштедат, пак, како што кажа министерот, ќе се користат во моментот кога потрошувачката на струја ќе биде поголема
Ако потрошувачката на струја се зголеми од 1 декември, во функција ќе бидат ставени сите производствени капацитети за електрична енергија со кои располага АД ЕСМ – и тоа: трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, КОГЕЛ, целиот хидропотенцијал и Ветерниот парк во Богданци.
Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој нагласи дека доколку потрошувачката на електрична енергија, сепак, не се зголеми од 1 декември, нормално е да не бидат ставени во функција сите капацитети и непотребно да прават трошоци оти, како што додаде, треба да се штедат мазут и јаглен. Средствата што ќе се заштедат, пак, како што кажа министерот, ќе се користат во моментот кога потрошувачката на струја ќе биде поголема.

„Граѓаните и компаниите да бидат спокојни нема да има никаков проблем во делот на снабдување со електрична енергија. Во земјава речиси се е под контрола и не се предвидени никакви рестрикции. Во континуитет сите потрошувачи ќе бидат снабдуван со електрична енергија, почнувајќи од домаќинствата, па сè до големите компании што се на слободен пазар“,
рече Бектеши.
Тој нагласи дека деновиве треба да пристигне трансформаторот за третиот блок во РЕК „Битола“ по што во мрежа ќе биде ставен и тој блок. Вториот блок во РЕК „Битола“, пак, како што посочи Бектеши, е подготвен и од денеска ќе биде вклучен во мрежа. Министерот нагласи дека овој блок досега не работел поради предвреме реализираните набавки на електрична енергија.
„Во последните два до три дена е направен поголем увоз на електрична енергија заради тоа што претходно е направена набавката на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар иако вториот блок во РЕК Битола беше подготвен да се стави во функција во текот на викендот. Но, заради тоа што беше направена набавката се одложи ставањето во мрежа на вториот блок во РЕК Битола. Од денеска и тој ќе почне да работи што значи дека ќе се намали количината на увоз на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар“,
прецизира Бектеши.
Ако во меѓувреме се намалат цените на дериватите, како што посочи Бектеши, во системот веднаш ќе биде вклучена и ТЕЦ Неготино. Тој објасни дека ако ТЕЦ Неготино се стави во функција сега, ќе биде поскапо да произведува електрична енергија отколку да се набавува од увоз.