Ако ДУИ оди со потпретседател и со членови кои биле кандидат за претседател на државата, министер за надворешни работи, и ние ќе одговориме со иста артилерија – порача Меџити во однос на локалните избори

Кој каде ќе биде кандидат за градоначалник ќе ни покажат анкетите од професионални агенции. Не ја исклучувам опцијата кандидат за градоначалник на Општина Чаир – ова го порача денеска еден од лидерите на ВЛЕН и актуелен министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
„Како ВЛЕН деновиве очекуваме резултати од анкети од професионални агенции и тие ќе ни дадат ориентација кој каде ќе биде, но не го исклучувам и тоа како опција“,
изјави вечерва Меџити во интервју.
Неговиот одговор следи откако ДУИ денеска потврди дека поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи ќе биде кандидат на „Европскиот фронт“ за градоначалник на Чаир.
„Ако ДУИ оди со потпретседател и со членови кои биле кандидат за претседател на државата, министер за надворешни работи, и ние ќе одговориме со иста артилерија“,
рече Меџити.
Според него, опозициската ДУИ на локалните избори ќе се натпреварува само во седум општини, а другите се, како што рече тој, на алијансите.
За актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, и нападите од актуелната градоначалничка Данела Арсовска, тој кажа дека се чекаат резултатите од анкетите, како и дека ги очекува официјалните информации од ДУИ кои ќе бидат нивните кандидати.
Тој ја обвини Арсовска дека не се занимава со градот Скопје, туку само со општината Чаир, како и дека инцидентот во кој таа беше нападната бил поврзан со ДУИ. Тој тврди дека ДУИ ја користи Арсовска.