На прашањето дали Бугарија ќе ја смени својата позиција во однос на С Македонија, Георгиев смета дека за ова прашање не одлучува само Бугарија, односно дека т.н. „француски предлог“ е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Во таа насока, посочи дека се работи за обврски што го надминуваат двостраниот (билатерален) спор, односно за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ
Во моментов односите меѓу Софија и Скопје се специфични. Ваква оцена даде новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во вчерашното интервју за бугарската БТВ, коментирајќи ги односите меѓу двете соседни земји.
На дополнителното прашање дали односите може да се сметаат за специфично заладени, Георгиев рече дека температурата се мери со секој следен настан што би можел да ги подобри тие односи или, пак, да ги влоши.
„Јас се надевам дека сме постигнале степен на зрелост од кој можеме да осознаеме дека добрососедските односи не се желба, туку дека тоа е влог за иднината и просперитетот на целиот регион“,
вели Георгиев.
Одговарајќи на прашањето дали Бугарија ќе ја промени позицијата, со оглед на тоа дека премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, е апсолутно категоричен дека додека е тој претседател на Владата, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, без јасни гаранции од Европската Унија, Георгиев рече дека доколку нема исполнување на преземените обврски, Унијата нема како да го продолжи пристапниот процес на РСМ.
„Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот ‘франциски предлог’, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот (билатерален) спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат запазени, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ“,
кажа бугарскиот шеф на дипломатијата.
Според него, нема држава која повеќе од Бугарија има интерес од интеграцијата на земјите од Западен Балкан и додаде дека тоа не го кажува само од позиција на бугарските европски приоритети од 2018 година со претседателството, туку во многу поширок контекст.
„Ние, искрено, се радуваме дека Република Северна Македонија и Албанија се наши сојузници во НАТО. Тоа е инвестиција во безбедноста на регионот. Природно е да се радуваме и на евроинтеграциите, но со запазување на условите“,
рече тој.
За најавите дека премиерот на С Македонија ќе побара средба со неговиот бугарски колега Росен Жељазков, Георгиев смета дека ако таква средба биде протоколарно побарана, претпоставува дека ќе биде разгледана низ призмата на нејзината сериозност.
На прашањето зошто Скопје и Софија нема заедно да го чествуваат роденденот на Гоце Делчев, Георгиев вели дека не добиле покана од РСМ за заедничка прослава.
„Ако прашањето е зошто нема да има заедничко чествување, тоа е затоа што не сме добиле покана за такво нешто. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година. Но, во овој момент немаме покана од РСМ заедно да го чествуваме тој ден“,
вели бугарскиот министер за надворешни работи.
Одговарајќи дали со заедничкото одбележување на тој ден би се повториле тензиите од 2023 година, Георгиев рече дека историјата треба да обединува, а не да разделува.
„Како да ви кажам. Тоа ќе биде тест за зрелоста. За тоа до кој степен го замислуваме своето присуство во Европа, не само физички, туку и како вредности и разбирање за тоа што носи ЕУ. Се надевам дека нема да бидеме сведоци на исти сцени, туку напротив“,
рече бугарскиот шеф на дипломатијата.
По повод 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, на 4 февруари, во училиштето каде што учел Делчев во Бугарија, денес Воена академија „Г.С.Раковски“ во Софија, требаше да се одржи свечен концерт со класична музика и поезија, на кој учество ќе имаа и македонски уметници.
Сепак, тие го откажаа своето учество откако стана јасно дека нема да има официјални државни претставници од С Македонија.
Настанот го организира Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“ од Бугарија, под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев.