Тој и на претходните неколку рочишта се жалеше на здравствената состојба, а едно од нив беше одложено токму поради тоа. Тогаш се наоѓаше на болничко лекување во Општата болница во Кочани. Сега тврди дека има сепса на градите и бактерија
Обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот во кој се наоѓало т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, на почетокот на денешното рочиште побара од Судот да го ослободи од присуство поради влошена здравствена состојба.

Тој и на претходните неколку рочишта се жалеше на здравствената состојба, а едно од нив беше одложено токму поради тоа. Тогаш се наоѓаше на болничко лекување во Општата болница во Кочани.
Сега тврди дека има сепса на градите и бактерија.
„Го молам Судот да преземе нешто. Јас не можам да се борам со животот. Како да дојдам, кога не можам. Немам сили да доаѓам на судење“,
рече денеска Милковски.
Судијката Диана Груевска-Илиевска рече дека е запознаена со случајот и дека секојдневно е во комуникација со докторите, кои, додаде, ја информирале дека кај обвинетиот е најдена бактерија, но дека тоа не е многу сериозно.
Во врска со барањето на обвинетиот Милковски да не доаѓа на рочиштата, таа посочи дека првиот пат кога нема да се појави на судење, ќе му биде определен притвор.
Инаку, обвинетиот Гроздан Милковски е сопственик на објектот во кој се наоѓал „Пулс“. Тој му го издал објектот на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, но, како што кажа на рочиштето на 2 декември, не знаел дека тој ќе го преадаптира во кабаре.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
