Во однос на тие забелешките од одредени европратеници кон Вајц, премиерот рече дека со него се сретнал еднаш кога известувачот дошол во Владата, заедно со група европратеници, меѓу кои имало и двајца бугарски. Потенцира дека немале тет-а-тет средба, туку дискутирале во поширок формат
Најголем дел од европратениците, пред сè оние што се залагаат за вистинските европски вредности, одлучија да му дадат шанса на предлог-извештајот за напредокот за земјава, чие гласање се одложи за 24 јуни. Доколку повторно се одложи, македонските граѓани треба да бидат свесни дека не станува збор за внесување на неколкуте стотини граѓани со бугарска самосвест во Уставот, туку дека проблемот се посебниот македонски идентитет и јазик. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштање во употреба на реконструираното Одделение за управни работи Скопје.

„Јас очекувам на 24 јуни извештајот да помине. Но, ако повторно се одложи, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека проблем не се неколкуте стотини граѓани, кај нас, кои се дел од бугарската заедница да бидат во нашата преамбула, туку дека проблем се посебниот вековит македонски идентитет и македонскиот јазик. Тоа е суштината, тоа е проблемот. Се останато нема никаква врска со реалноста“,
рече тој.
Посочи дека високи политичари од Бугарија контактирале високи политичари од Брисел, со цел да го спречат извештајот, со образложение дека сакаат да се избегне дополнително незадоволството кај нив, поради процесот околу прифаќањето на еврото.
Во извештајот, како што додаде, во неколку наврати се споменува посебниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик, за што претходната Влада велеше дека е формалност, но последните случувања во Европскиот парламент и реакциите на бугарските европратеници покажуваат дека тоа не е така.
„Навидум тоа би требало да е формалност, барем така нè убедуваше владата на СДСМ и ДУИ, така нè убедуваа Ковачевски, Маричиќ, Бујар Османи, нели тоа не било проблем. Но, видовме дека за одредени европарламентарци, посебно за тие што доаѓаат од исток и тоа било проблем. Што било проблем? Па, пред македонскиот идентитет и јазик, додаваат едно зборче ‘презент‘, сегашно. Значи, сепак македонскиот идентитет и македонскиот јазик биле проблем. Тоа не убедуваа, оние кои ги уништија или ја ставија во подредена положба желбата на македонските граѓаните да се интегрираат во европското семејство“,
кажа премиерот.
Бугарските европарламентарци му забележаа на известувачот за С Македонија, Томас Вајц, дека имал средби со политичарите од Македонија, но не и со политичари од Бугарија, како и дека пратеникот задолжен за извештајот бил премногу близок до земјата-кандидат.
Во однос на тие забелешките од одредени европратеници кон Вајц, премиерот рече дека со него се сретнал еднаш кога известувачот дошол во Владата, заедно со група европратеници, меѓу кои имало и двајца бугарски. Сепак, потенцира дека немале тет-а-тет средба, туку дискутирале во поширок формат.
Сепак, додаде дека наше легитимно право како Влада е да одиме во светот и да се бориме за нашите аргументи.
На владината седница, најави дека ќе се најде Реформската агенда, односно најголем дел од обврските што се преземени до првиот датум 30 јуни ќе бидат разгледани. Додаде дека тоа Владата го прави на секои две недели.