Никола Мицевски посочи дека процедурите и наредните чекори ќе се знаат откако ќе стигне оставката на Заев во Собранието
Доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира ново парламентарно мнозинство по оставката на премиерот Зоран Заев, тогаш треба да има нови предвремени парламентарни избори бидејќи власта е делегитимирана, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, по утринската координација со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Меѓутоа, тој вели дека работите ќе станат појасни откако оставката на Заев ќе стигне до парламентот, што сè уште не се случило.
„Состојбата е многу сериозна, ние ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство, имајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочуваат државата и граѓаните. Доколку не успееме во тие напори, најдобро би било да има нови предвремени парламентарни избори бидејќи оваа влада и ова мнозинство го изгубија политичкиот легитимитет и народот ја испорача фактурата. Очекуваме да ја видиме оставката. Верувам во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, потребни се сериозни анализи, сериозни симулации на состојбата, разговори со сите политички чинители за да можеме да излеземе со одреден став и она што ќе се случува во наредниот период. Краток е периодот за сите овие постапки затоа што се наоѓаме пред крајот на оваа година. Во Собранието имаме и одредени уставни обврски, а тоа е влегувањето на буџетот за 2022 година, знаете дека таму има одредени процедури, дека комисиски се расправа 10 дена на самата седница и дури трае комисијата не се одржуваат пленарни седници така што сметам дека ова ќе биде интензивен и бурен политички и институционален период во Собранието“,
рече Мицевски.
Покрај носењето на буџетот, тој како предизвици во наредниот период ги нагласи енергетската криза за која, според него, државата не е подготвена, економијата, новиот ковид-бран…
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ неколкупати посочи дека процедурите и наредните чекори ќе се знаат откако ќе стигне оставката на Заев во Собранието, но нагласи дека според Уставот, откако ќе пристигне оставката, треба да се констатира од пратениците, а потоа претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена да одреди мандатар кој ќе приложи мнозинство од најмалку 61 пратеник. По ова, мандатарот има 20 дена за одлучување за составот на новата влада.
Со оглед дека оставката сè уште не е стигната, на утринскиот состанок координаторите на пратеничките групи со Џафери констатирале колку досегашни пратеници ќе заминат од Собранието бидејќи станале градоначалници и за доаѓањето на нови пратеници. Градоначалници, како што посочи, станаа четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и по еден од СДСМ и од Беса.