Шефот на дипломатијата вели дека Србија е независна држава и си одлучува за своите надворешни политички приоритети, но во рамки на регионалните иницијативи важно е сите да се на иста линија на вредности
Под прашање било ставено дури и одржувањето на состанокот на Отворен Балкан во Охрид доколку се случеше посетата на рускиот министер за надворешни работи на Сергеј Лавров на Србија, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи вечерва во „Тема на денот“ во дневникот на Сител ТВ.
„Иако Србија, се разбира, е независна држава којашто сама ги одлучува своите надворешно политички приоритети, меѓутоа во рамки на некои регионални иницијативи во кои учествуваме како што е Западен Балкан, се разбира важно ни е сите земји што соработуваме да сме на една линија на некои вредносни системи. Беше ставено под прашање дури и одржувањето на состанокот на Западен Балкан во Охрид, доколку оваа посета се случеше бидејќи ова не е однос кон Руската Федерација, ова е однос кон агресијата на Руската Федерација кон Украина “,
рече Османи.
На прашање дали сега не е под прашање одржувањето на состанокот со оглед на нашата забрана за летот на Лавров односно дали има став од српскиот претседател Александар Вучиќ дали ќе дојде во Охрид, министерот рече дека засега состанокот оди според сите планови.
„Мислам дека е добро бидејќи навистина во рамки на регионалните иницијативи не нè охрабруваат чекори кои се спротивни на суштинските вредности кои ги споделуваме како држава“,
додаде Османи.
За билатералните односи со Србија тој рече дека се добри, а во рамки на регионалните иницијативи било важно, како што рече, одлуката на Србија да гласа во ООН за резолуција што ја осудува руската агресија во Украина. Тоа, според шефот на дипломатијата, било важен момент за да ја поттикне понатамошната соработка во рамки на Западниот Балкан.
Недоаѓањето на Лавров, додаде тој, дури го охрабрува одржувањето на охридскиот состанок.
„Билатералните односи никогаш не се спорни и ќе продолжат да се надоградуваат и јас и лично се посветувам на тоа. Меѓутоа, регионалните иницијативи мора да бидат во рамки на некои основни вредносни принципи во кои веруваме. Сигурно руската агресија е спротивна на тие принципи и не нè охрабрува во таквите регионални иницијативи. Сметам дека неодржувањето на оваа посета, го охрабрува и одржувањето на состанокот во Охрид“,
вели Османи.
Прашан дали имал некаков контакт со неговите колеги од Србија, Османи одговори дека во текот на последните денови, од наша страна јасно било изразено дека ваквите чекори не нè охрабруваат во овој ангажман во рамки регионалната соработка на Западен Балкан.
Во однос на одлуката со која нашата земја, заедно со Црна Гора и Бугарија, не дозволи прелет на авионот на Лавров, Османи потенцира дека тоа не е однос кон Руската Федерација, туку однос кон агресијата на Руската федерација врз Украина.
Тој нагласи дека Северна Македонија е една од многуте земји кои имаат донесено општа забрана односно затворање на воздушниот простор за прелет на компании коишто се сопственост на Руската Федерација.
„Како одговор на руската агресија во Украина, сметавме дека и ова барање на Амбасадата на Руската Федерација за ослободување за овој специјален лет се вклопува во таа општа забрана и наш однос кон Руската Федерација по однос на агресијата во Украина“,
изјави Османи.
Министерот додаде дека треба да бидеме недвосмислени во ставот и во пораките што ги праќаме до Руската Федерација дека е недозволиво во 21 век да се напаѓаат соседни земји и да се направи агресија врз соседни земји и врз независни држави.