„И досега Јавното обвинителство така постапувало, што значи дека ќе постапува и понатаму“, додава државниот јавен обвинител

Градоначалникот е надлежен и доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, тоа може да го пријави, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Изјавата на Коцевски доаѓа откако новоизбраниот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски во неколку наврати рече дека во јавните претпријатија во градот имало злоупотреби.
На новинарско прашање дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас, Коцевски рече дека доколку градоначалникот има докази, тоа може да го пријави на надлежните органи.
„Само ќе кажам дека тој како градоначалник доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи, а тоа е МВР и да ги донесе тие документи што евентуално ги има во Јавното обвинителство. И досега Јавното обвинителство така постапувало, што значи дека ќе постапува и понатаму“,
рече Коцевски пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Тој додаде дека доколку навистина има злоупотреба, Обвинителството стои на располагање за постапување.
Прашан до каде е истрагата за директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Коцевски рече дека постапката е во тек и не може да каже детали.
„Постапката е во тек, не можам да кажам детали. Она што ќе биде актуелно и интересно за јавноста, ќе добиете информации од нашата инфо-служба“,
рече Коцевски.
Инаку, против поранешниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие и управителот за отпад, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага откако неодамна главниот град беше преплавен со смет. Ситуацијата предизвика и политички препукувања меѓу двата круга од локалните избори.
Обвинителството ги гони Рустеми и Саити за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230, став 1, од Кривичниот законик (КЗ).
