Посочи дека се очекува неделава да биде завршен целиот процес на преговори меѓу македонски и американски авторитети за царинските стапки и додаде дека досега веќе се одржале три рунди преговори
Ако Европската Унија е задоволна од постигнатиот договор со Соединетите Американски Држави (САД), а тоа е очигледно од изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш и ние сме задоволни. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви импликации ќе има трговскиот договор што вчера се постигна меѓу ЕУ и САД врз македонската економија.

Посочи дека тоа што се случи вчера меѓу САД и ЕУ може да се види дека е на двострано задоволство и затоа е за поздравување.
„Тоа што се постигна вчера е усогласена заедничка изјава меѓу ЕУ и САД. Јавноста можеше да види дека е на двострано задоволство и ние ја поздравуваме. Голем дел од нашите производни капацитети преку компаниите во ЕУ се извезуваат во САД. Доколку ЕУ е задоволна од овој постигнат договор, а очигледно е изјавата на претседателката на Европската комисија, тогаш и ние сме задоволни“,
кажа премиерот по пуштање во употреба на затворениот базен во склоп на ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ во скопска Кисела Вода.
Според него, таква заедничка изјава со САД имаме потпишано одамна и како држава сме задоволни.
Посочи дека се очекува неделава да биде завршен целиот процес на преговори меѓу македонски и американски авторитети за царинските стапки, додавајќи дека досега веќе се одржале три рунди на преговори.
„Последните преговори се одржаа во петокот, а се водат со претставници на многу институции во рамки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји. Очекувам убави вести за македонските граѓани, за македонските извозници во САД. Но, да почекаме од Вашингтон да дојде веста“,
рече Мицкоски.
Премиерот на почетокот на месецот рече дека земјата е веќе во процес на преговори за царините од 30 отсто што американскиот претседател ги најави од 1 август.
Изрази уверување дека Македонија ќе биде во групата земји кои ќе добијат најповолни услови за извоз на американскиот пазар.
Претседателката на Европската комисија и американскиот претседател вчера постигнаа договор што предвидува царина од 15 отсто за повеќето производи од ЕУ, како и обврска ЕУ да купи енергенси од САД во вредност од 750 милијарди долари и дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија.
Трамп го опиша договорот како победа за фер и балансирана трговија меѓу партнерски економии, додавајќи дека ако има договор тоа ќе биде крајот на трговските спорови за наредните неколку години. Инсистираше дека европските пазари ќе треба да бидат поотворени за американски производи.
Фон дер Лајен, пак, ја опиша средбата со Трамп како жестока, но продуктивна и нагласи дека приоритет на ЕУ останува како да се воспостави праведност и повторно балансирање на меѓусебните трговски односи.