Очекуваме најдоцна до среда да ни се презентира што договориле Министерството за здравство и Фондот за здравство. Доколку тоа не се случи, в четврток во 11:55 часот ги повикуваме сите членови во Синдикатот и сите вработени во здравството, кои нема да бидат вклучени во работниот процес на тој ден, да бидат присутни на протестот, за да го искажеме нашето незадоволство за несериозниот пристап кон сериозно прашање, велат од Синдикатот

Доколку до среда не се потпише анексот на Колективниот договор за корекција на коефициентите на вработените, тогаш в четврток пред Министерството за здравство ќе се одржи протест на самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита.
„Очекуваме најдоцна до среда да ни се презентира што договориле Министерството за здравство и Фондот за здравство. Доколку тоа не се случи, в четврток во 11:55 часот ги повикуваме сите членови во Синдикатот и сите вработени во здравството, кои нема да бидат вклучени во работниот процес на тој ден, да бидат присутни на протестот, за да го искажеме нашето незадоволство за несериозниот пристап кон сериозно прашање“,
рече претседателот Љубиша Каранфиловски.
Оттаму додаваат дека доколку после протестот немаат позитивни сигнали „ќе применат и други мерки на радикалности“.
Во анексот, како што соопштија од Синдикатот на денешната прес-конференција, се бара корекција на коефициентите на вработените во здравството со различни износи, што, според Советот, би значело одредено позитивно придвижување.
„До овој момент, и покрај нашите отстапки и со тие одредени пониски износи на бруто корекција на коефициентите, кои во овој момент се пониски од она што би значело бруто корекција на минималната плата од 3 317 денари, сѐ уште го немаме ниту потпишано анексот на Колективниот договор, ниту пак имаме одредено сознание кога тоа ќе се случи“,
изјави Каранфиловски.
Според Синдикатот, се работи за корекција која во овој момент не соодветствува на она што се случило од двете последни покачувања на платата и доколку до среда не им се презентира она што според нивни сознанија го договориле Министерството за здравство и Фондот за здравство, во четврток ќе излезат на протест.
На почетокот на овој месец министерот за здравство Фатмир Меџити се сретна со Синдикатот на здравство, фармација и социјална заштита по што рече дека на средбата станало збор за актуелните прашања за регулирање на статусот на здравствените работници и додаде дека дијалогот ќе продолжи со сите надлежни институции, како што се Фондот за здравствено осигурување, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика, во координација со Владата.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата, синдикатите минатиот месец организираа протести на вработените во јавното здравство пред Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, како и во други градови низ државата.