Синдикатот веќе поднел пријави до Државниот инспекторат за труд, како и кривична пријава против директорот за неисплата на К-15, а најавуваат дека ќе продолжат и со поединечни тужби од страна на вработените за сите неисплатени побарувања

Вработените од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје и од фирмите-ќерки „Флораком“ и „Луна“ денеска повторно излегоа на протест, изразувајќи револт поради неисплатената плата за месец септември.
Од 8 до 11 часот, тие ја блокираа крстосницата пред Зоолошката градина – Скопје и булеварот „Илинден“ кај Матично.
Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, вели дека, за жал, не успеале да стапат во контакт со раководството на ЈП „Паркови и зеленило“, односно со директорот, и затоа биле принудени на блокирање на сообраќајниците.
„Покрај неисплатената плата за септември, вработените сè уште немаат земено ниту регрес за годишен одмор или популарно К-15, ниту јубилејни награди, ниту отпремнина на оние вработени кои заминуваат во пензија“,
вели Кашиковски во изјава за МИА.
Синдикатот веќе поднел пријави до Државниот инспекторат за труд, како и кривична пријава против директорот за неисплата на К-15, а најавуваат дека ќе продолжат и со поединечни тужби од страна на вработените за сите неисплатени побарувања.
Кашиковски информираше дека доколку платата за септември не биде исплатена во текот на денешниот ден, протестите продолжуваат. Утре, од 7 до 9 часот, вработените ќе ги блокираат двата влеза на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје.
„Имавме најава дека платата ќе се исплати во петокот, а не се исплати. Доколку и денес повторно не се исплати платата за септември, вработените ќе продолжат со искажување на својот револт преку организирање протест“,
додаде претседателот на Синдикатот.
