Говорејќи за предлог-законот за Судскиот совет кој, според Реформската агенда што ја усвои Владата, треба да биде донесен овој месец, Камбовски рече дека решенијата во него одат во пресрет на препораките на Оценската мисија, но додаде оти има препораки кои не се опфатени во ова законско решение, а за кои се потребни и измени на Уставот во насока на зајакнување на позицијата на Судскиот совет
Првиот чекор е да се создаде легислативна основа што ќе даде простор за зајакнување на судството, но на крајот клучот е во самите луѓе кои се избираат и кои ги вршат функциите во ова област, смета академик Владо Камбовски.

Тој ова го кажа пред почетокот на денешната научно-стручна расправа за предлог-законот за Судски совет организирана од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
„Интегритетот на судиите и интегритетот на членовите на Судскиот совет мислам дека тука самиот закон не може да помогне, може да постави само одредени рамки. Но, веројатно со сите овие искуства што ги стекнавме овој период ќе влијаат на тоа како да се посматра улогата на судството воопшто во општеството, дека тоа е една трета, независна, самостојна власт и што да се бара од луѓето што работат во судството. Какви квалитети, човечки, интегритет и други, треба да се бараат меѓу луѓето кои ги бираме да вршат една таква значајна функција, затоа што на крајот на краиштата она што го викаме правда и барањето правда на крајот е во рацете на јавните обвинители и на судиите“,
рече Камбовски, прашан како, според него, можеме да стигнеме до независно судство кое ќе има доверба од граѓаните.
Говорејќи за предлог-законот за Судски совет кој, според Реформската агенда што ја усвои Владата, треба да биде донесен овој месец, Камбовски рече дека решенијата во него одат во пресрет на препораките на Оценската мисија, но додаде оти има препораки кои не се опфатени во ова законско решение, а за кои се потребни и измени на Уставот во насока на зајакнување на позицијата на Судскиот совет.
„Уште од почетокот на работата на овој закон се одеше стриктно, а во еден дел и преку препораките на Оценската мисија, притоа со посветување на посебно внимание на оние препораки кои бараат итни измени и тоа итни измени во самиот закон. Тие препораки опфаќаат и други подрачја, како што е, да речеме, прашањето на уставни измени, односно статусот и положбата на Судскиот совет што во оваа фаза не е опфатено со активностите на Министерството за правда и не е предмет на поширока дебата, но таа дебата треба што поскоро да се отвори. Значи, какви измени ни требаат во самиот Устав за да се зајакне позицијата на Судскиот совет, одговорноста, отчетноста, транспарентноста и заедно со тоа како предуслов на зајакнување на независноста на судството. Значи тоа е една следна исклучително значајна задача како за нашата домашна наука, така и за политиките во оваа област“,
изјави академик Камбовски.
Улогата што како експертска јавноста денеска ја имаат, рече тој, е да направат проценка дали решенијата што се предложени кореспондираат со препораките на Оценската мисија, односно да се добро дефинирани прашањата кои се однесуваат на условите за избор на членовите на Судскиот совет, за дисциплинска постапка, разрешувањето на членовите на Судскиот совет, прашањето за оценувањето на судиите и нивната одговорност.
„Прашањето што е исто така значајно и е истакнато од Оценската мисија е независен судски буџет и за независност на Судскиот совет во располагањето со средствата со кои тој треба да располага. Прашањето за судската заштита кое во дадениот предлог форсира заштита на правата во однос на разрешување и други постапки пред Управниот суд што е за мене проблематично прашање“,
рече Камбовски.
Прашан околу терминот „истакнат правник“ и кој според новите измени на Законот ќе одредува кој влегува во оваа категорија и дали останува решението претседателот на државата и пратеничките групи да предлагаат членови на Судскиот совет, Камбовски рече дека тука станува збор за уставни решенија, за кои е потребна интервенција во највисокиот правен акт на државата.
„Тоа е уставно решение и затоа реков дека тоа може да биде прашање за идните решенија. При постојните решенија може да се направи исчекор. Направен е таков исчекор, да речеме, сите кандидати кои се предложени во Собранието да одат низ една постапка на јавно интервју, каде што ќе се проверат нивните знаења и ставови во однос на судството, но тука останува можеби да се доразвијат некои финеси“,
рече тој.
Во оваа насока, Камбовски наведе и свое лично мислење според кое во Судскиот совет секогаш треба да има универзитетски професори и адвокати.
„Бидејќи Уставот наведува под број 1 универзитетски професор, адвокати и други истакнати правници, можеби треба да се направи напор за да се фиксира дека секогаш таму ќе има универзитетски професори и адвокати. Сегашното решение, според мене, е доста флуидно и не го гарантира тоа да има универзитетски професори, што е практика во судските совети во нашето опкружување. Дури и хрватскиот закон за судски совет предвидува дека задолжително има двајца професори кои ги бираат самите универзитети, дури не одат ниту пред парламентот. На тој начин и врз основа на една таква структура која е разнородна, ќе имате избрани од Собранието можеби и со партиски влијанија, ќе имате адвокати, ќе имате професори по право, не би можеле да се случуваат разни политички и други комплоти за да се заобиколуваат одредбите за тоа кој ќе биде избран за судија, дали ќе одговара или не“,
рече академик Камбовски.
Универзитетската професорка и претседателка на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, Александра Груевска-Дракулевски, пред почетокот на настанот изјави дека станува збор за многу значаен закон со оглед на тоа што Судскиот совет е тој којшто треба да ја обезбеди и да ја гарантира независноста на судството, но за жал во изминатиот период се соочи со одредени предизвици кои беа нотирани и во Извештајот на Европската Унија за 2023 година, по кои беше испратена Оценска мисија, која даде 40 препораки.

„Денес на научно-стручната расправа се присутни претставници од Судскиот совет, претставници од судовите, претставници од академската заедница и искрено се надевам дека ќе има плодна дискусија на оваа научно-стручна расправа од којашто ќе произлезат одредени заклучоци и истите ќе бидат доставени на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија) бидејќи законот е веќе на ЕНЕР, така што очекуваме сите заклучоци да бидат во насока на унапредување на текстот на Законот кој работната група при Министерството за правда го изработи“,
рече Груевска-Дракулевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа кажа дека со измените во законското решение, сега подетално е уредена постапката за избор и за разрешување на членови на Судскиот совет, за избор и за разрешување на судии, нивна дисциплинска одговорност и следењето на нивната работа.
