Академик Абдулменаф Беџети во колумната за „Лајм“ порачува дека ја прифаќа „фрлената ракавица“ од академик Катица Ќулавкова за која посочува дека во интервју за ТВ Канал 5 изнела предлог за создавање трета албанска академија
„Веќе докажавме дека не само што знаеме, но и подобро од нив правиме некои научни и образовни институции! Затоа ја прифаќаме ‘фрлената ракавица’“, вели Беџети
„Колку за илустрација, на последниот конкурс, во Одделението за општествени науки што јас го предводам, од седум члена, со шест убедливи гласови ‘за’ го поминавме кандидатот проф. д-р Мируше Хоџа и на Собрание (на МАНУ, н.з.) – го соборија!“, забележува Беџети
„Во нивните мисли, за што и да се случи, одговорни сме ние Албанците, кои заедно со Македонците, но и другите, ја направивме и ја развивавме државата, во некои аспекти и повеќе од тие самите“. Ова, во колумна објавена на порталот на албански јазик „Лајм“, насловена „Македонски академски фрустрации!“, го пишува академик Абдулменав Беџети, реагирајќи на, како што вели, индивидуалните ставови на некои македонски академици, а ги посочува претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, и академик Катица Ќулавкова.
„Во оваа прилика, морам јавно да реагирам на индивидуалните ставови на некои македонски академици, за жал, и претседателот (академик Коцарев) следен, можеби дури и мотивиран од акад. Ќулавкова и некои други колеги. Немам ништо против индивидуалните ставови на секој академик, дотолку повеќе се трудам да ги разберам, иако не ги оправдувам. Ова, сè додека не го загрозуваат моето достоинство и националниот интерес. Во нивните мисли, за што и да се случи, одговорни сме ние Албанците, кои заедно со Македонците, но и другите, ја направивме и ја развивавме државата, во некои аспекти и повеќе од тие самите“,
пишува Беџети.
Тој потенцира дека ова не е негова реакција во која се занимава со, како што вели, „заложбата“ на претседателот Коцарев за давање отпор на интегративните процеси на државата под изговор за зачувување на недопрениот македонски идентитет, туку со предлогот на Ќулавкова за создавање трета албанска академија, посочувајќи дека ова Ќулавкова го изјавила во интервју на ТВ Канал 5.
„Ако не нè сакаат во своите пазуви, застапени колку што сме, без консултација со другите колеги Албанци, бидејќи верувам дека немаат замерка, јавно изјавувам дека можеме да ја создадеме, но не повеќе незаконски, неформално и приватно, како што правевме во минатото со нашите првични институции, туку да се разделиме веднаш и без двоумење со сите финансиски, просторни и технички средства. Веднаш да повлечеме 30% од јавниот буџет од МАНУ и да имаме наш дел со сите јавни средства што се создадени од јавните пари на даночните обврзници. Со сила не се останува заедно и наместо научна продуктивност, ја губиме креативната енергија, занимавајќи се со дневна политика и етнички, културни, конфесионални фрагментации итн.“,
вели академикот.
Беџети смета дека некои академици не се оттргнале од менталитетот од минатото што се покажало и на последниот конкурс за членови на МАНУ.
„Ако таа (Катица Ќ.) или кој било друг претпоставува дека ќе може да се ‘ослободат’, без поделба на сопствениот удел, длабоко се лажат затоа што, без разлика дали прифаќаат или не, Северна Македонија не е само нивна дежава! Впрочем, на последниот избор за членови докажаа дека не се оттргнале од менталитетот од минатото! Колку за илустрација, на последниот конкурс, во Одделението за општествени науки што јас го предводам, од седум члена, со шест убедливи гласови ‘за’ го поминавме кандидатот проф. д-р Мируше Хоџа и на Собрание (на МАНУ, н.з.) – го соборија! Нејзината научна и академска креативност (три магистратури и два докторати, од кои повеќето меѓународни) со CV од преку 20 страници, го надминува опусот на најмалку половина од постоечките членови на Академијата и – повторно не помина“,
вели Беџети.
Академик Беџети завршува со зборовите: „Веќе докажавме дека не само што знаеме, но и подобро од нив правиме некои научни и образовни институции! Затоа ја прифаќаме ‘фрлената ракавица’!“
