Сепак, тој повтори дека декларациите што доаѓале од СДСМ во минатото завршувале како обично слово на хартија и воопшто не се почитувале од партијата што ги предлагала и поднесувала
Ајде да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш инпут врз основа на тоа што ќе го има. Вака премиерот Христијан Мицкоски вечерва ја искоментира најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека оваа недела пред јавноста и сите политички партии ќе ја презентира предлог-резолуцијата за утврдување на македонските црвени линии во однос на евроинтеграциите.

За потсетување, претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието, минатата недела во телевизиско гостување изјави дека е потребно во Собранието да се усвои декларација за нашите црвени линии на патот кон ЕУ и прекинување на преговорите со Европската Унија доколку добиеме ново вето од Бугарија.
Денешниот коментар на Мицкоски е, условно кажано, помек во однос на претходната негова изјава викендов, кога изјавата на својот политички опонент ја оцени како „итроштини кои треба да се остават во минатото“.
„Па, да го видиме документот. Јас тоа велам, да го видиме тоа што ќе го поднесат. Се надевам дека ќе дозволат да и ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на коалицијата, исто така да даде свој инпут во сето тоа. Така што, ајде да го видиме документот, да видиме што е тоа што ќе понудат ново“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на шестгодишнината од основањето на Агенцијата за национална безбедност.
Сепак, тој повтори дека декларациите што доаѓале од СДСМ во минатото завршувале како обично слово на хартија и воопшто не се почитувале од партијата што ги предлагала и поднесувала.
„Имавме многу такви декларации во минатото, како што кажав, но за жал СДСМ сето тоа што го декларираше апсолутно не го почитуваше кога потоа имаше кревка можност да управува со Владата. Така што, еве ајде да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш инпут врз основа на тоа што ќе го има“,
изјави премиерот.
Одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на премиерот од викендот во која ја отфрли резолуцијата, Филипче денеска рече дека Владата само бара изговори, додека, во исто време, не може да изменаџира ништо кога станува збор за евроинтеграциите на земјава.
„Ќе се бориме поради тоа што е единствената иднина за нашата земја и ќе ставиме на масата. Еве резолуција, да ги утврдиме нашите црвени линии за да укажеме јасно и гласно дека сите треба да бидат чесни кога кажуваат какви се политиките, а не да се користат со лаги и манипулации за скриено да протуркаат некоја своја политика која очигледно не нè води никаде“,
рече Филипче и најави дека СДСМ оваа недела ќе го презентира документот пред јавноста и пред сите политички партии.

Вечерва од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најавија дека утре претпладне претседателот на партијата ќе одржи прес-конференција во Собранието.