Пратениците од „Европски фронт“, интерпелациите за членовите на Владата ги поднесоа на 3 декември, по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, на 28 ноември. Пратеничката Рина Ајдари, денеска, пред почетокот на седницата, ги образложи причините за поднесување на интерпелациите. Според неа, Владата не успеала да обезбеди меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме кои, како што рече, ги имаат разнишано стабилноста и меѓуетничката хармонија во земјава
Собранието денеска ја одржува првата пленарна седница во оваа година на која на дневен ред се четири интерпелации кои коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ги поднесе за работата на четворица членови на Владата – вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени.
На седницата, пратениците треба да расправаат и за интерпелацијата што ја поднесе пратеничката група на Левица против Илире Даути, пратеничка на Алијанса за Албанците од коалицијата „Европски фронт“ и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Пратениците од „Европски фронт“, интерпелациите за членовите на Владата ги поднесоа на 3 декември, по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, на 28 ноември. Пратеничката Рина Ајдари, денеска, пред почетокот на седницата, ги образложи причините за поднесување на интерпелациите. Според неа, Владата не успеала да обезбеди меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме кои, како што рече, ги имаат разнишано стабилноста и меѓуетничката хармонија во земјава.

Според Ајдари, вицепремиерот Изет Меџити не ги заштитил интересите на албанската заедница и толерирал дискриминација игнорирајќи ги неправдите кон Албанците и тоа е причината поради која коалицијата „Европски фронт“ му поднела интерпелација.
„Меџити толерираше дискриминација и ја игнорираше неправдата кон Албанците. Меџити молчи за дискриминацијата и понижувањето што ги доживеа албанската заедница и не ги искористи овластувањата за да обезбеди еднаков третман за сите граѓани. Неговите изјави кои помогнаа да се поддржи селективниот пристап кон меѓуетничките настани јасно го демонстрираат неговиот неуспех да управува со ситуацијата еднакво и правично. Наместо да помогне во создавање можности за меѓуетнички дијалог, тој придонесе за ескалација на кризите“,
рече Ајдари.
За работата на Тошковски и Исени, Ајдари истакна дека двајцата спречиле мирна и традиционална прослава на Албанците, која според неа секогаш била во празнична атмосфера секаде каде што живеат Албанци.
„Еден од најважните настани кои го одбележа неуспехот на Панче Тошковски и Астрит Исени е начинот на којшто постапуваше полицијата за време на славењето на албанското знаме, каде органите интервенираа на невиден и неоправдан начин, спречувајќи мирна и традиционална прослава на Албанците која секогаш била во празнична атмосфера секаде каде што живеат Албанци. Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да држи неутрален став, поттикна конфронтации и ескалација на тензиите“,
истакна Ајдари.
Во врска со интерпелацијата поднесена против работата на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, таа рече дека тој бил против гласањето на земјава на заедничката резолуција со која масовните убиства во Сребреница беа признати како геноцид, како и дека изразувал ставови против жртвите на геноцидот.