Контролите се вршат бидејќи со сите овие кујни стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магацин, лоциран во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, од каде се набавуваат репроматеријали

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска информира дека нејзини инспекциски тимови спроведуваат вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош.
Контролите се вршат бидејќи со сите овие кујни стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магацин, лоциран во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, од каде се набавуваат репроматеријали.
Оваа акција следи откако вчера, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако голем број ученици се пожалиле на стомачни болки.
Во рамки на вонредните контроли во останатите девет училишта, каде што нема пријавени симптоми на труење, инспекторите на АХВ земаат мостри од храна и од работните површини за лабораториско тестирање.
Од АХВ потенцираат дека сѐ уште ги чекаат резултатите од тестирањата на примероците земени вчера во ОУ „Димо Хаџи Димов“ од заедничката вонредна инспекциска контрола, спроведена заедно со ДСЗИ, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје.
Вчера неколку ученици од „Димо Хаџи Димов“ се пожалиле на стомачни тегоби и симптоми на труење и побараа лекарска помош.
Поради тоа, инспекциски служби од ИЈЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера почнаа со вонреден инспекциски надзор во училиштето.
ДЗСИ ја затвори кујната во училиштето како потенцијален извор на зараза. Директорот на ДЗСИ, доктор Кирил Лазов, посочи дека се наредени вонредно чистење и вонредни здравствени прегледи на вработените во училиштето, а земени се и мостри од работните површини. Според него, ќе мора да се почекаат официјалните резултати.
Директорот на Детската клиника во Скопје, Реџеп Мемеди, во изјава за „360 степени“ информираше дека двајца ученици од ова училиште се хоспитализирани во установата.
Според него, децата се во стабилна здравствена состојба, а биле примени со стомачни тегоби и со повраќање.
