Во производот е утврдено присуство на цереулид, при што како извор на контаминација е наведено маслото ARA

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде соопштение за повлекување од македонскиот пазар на производот „аптамил АР 2“ 24 x 400 грама, серија 2027.01.02 со потекло од Ирска. Во производот е утврдено присуство на цереулид (cereulide), велат од АХВ.
Потрошувачите што го имаат купено овој производ со наведениот лот и рок на употреба се повикуваат да не го користат или да го вратат на местото од каде што го купиле.
Во производот е утврдено присуство на цереулид, при што како извор на контаминација е наведено маслото ARA.
Инспекциските служби на АХВ утврдиле дека вкупната количина од 912 парчиња е веќе дистрибуирана на пазарот во Македонија.
„Со контролата утврдено е дека целокупната увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ги известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот“,
информираат од АХВ.
Од Агенцијата велат дека ја следат состојбата и со брендовите на „Нестле“, кои деновиве се повлекуваат во неколку европски земји. Иако за нив сè уште нема официјално известување преку ЕУ-системот за брзо предупредување за храна и храна за животни дека пристигнале во Македонија, службите вршат превентивни проверки.
