Станува збор за проблемот со крупниот добиток кој подолг период неконтролирано талка низ околината на неколку кривопаланечки села
Пред Општина Крива Паланка вчера во врска со случајот протестираа жители на повеќе села. На нив им се придружи градоначалникот Сашко Митовски кој за медиумите изјави дека општината нема надлежност во решавањето на проблемот, кој трае подолг период, но им дава поддршка на жителите во изразувањето на својот револт и барањето за ефикасна реакција од државата
Случајот со дивите крави кои неконтролирано се движат во околината на неколку кривопаланечки села и предизвикува загриженост кај локалните жители, деновиве повторно доби на публицитет, откако сопствениците на добитокот повторно влегоа во конфликт со екипи на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кои се обидоа да ги заловат животните.

По ова уследи и реакција на жителите на селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење и Станци кои вчера излегоа на мирен протест пред Општина Крива Паланка, барајќи од надлежните решение за проблемот.
Според жителите на овие села, неконтролираното талкање на добитокот им создава проблеми во секојдневните земјоделски работи. Во изјави за медиумите, тие велат со години трпат штети на свои ниви и посеви, а загрозена им е и безбедноста во сообраќајот. Дел тврдат дека добивале закани од сопствениците на крупниот добиток, кои одбиваат да воведат ред или пак да ги предадат на надлежните државни институции.
На протестот вчера присуствуваше градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски кој за медиумите изјави дека општината нема надлежност во справувањето со проблемот, кој трае подолг период, но им дава поддршка на жителите во изразувањето на својот револт и барањето за ефикасна реакција од државата.
„Граѓаните на Крива Паланка на дневна основа се соочуват со сериозен проблем, во кој за жал и по долги ветувања од Агенцијата за храна и ветеринарство не се постапува по однос на решението кое е издадено од нивна страна повеќе од две години…Општината никаде и со никаква законска надлежност во вакви случаи нема овластување да постапува. Без да се дава политички контекст денеска сме тука да алармираме дека конечно треба да се најде решение на проблемот“,
изјави градоначалникот на Крива Паланка, пренесе Телевизија Телма.

Изјавата на Митовски денеска наиде на остра реакција од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од каде велат дека е неодговорно кон сопствените граѓани и жители на кривопаланечките села, градоначалникот да се иззема од одговорноста која ја има во овој случај.
Повикувајќи се на членот 14 став 1 точка 11 од Законот за јавна чистота, од АХВ посочуваат дека контролата на одржувањето на јавните површини, односно чување и напасување крупен добиток (вклучително и говеда) на јавни површини, ја има токму Општината.
„Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната влада“,
се вели во реакцијата на АХВ.
Говедата, додаваат од таму, ниту се размножиле во толку голем број за една и пол година ниту може инстантно да се соберат во услови кога со Агенцијата не соработува Општината, која е еднакво одговорна за решавање на проблемот.
„Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски, конечно, да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај“,
наведуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Оттаму потенцираат дека АХВ и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на општина Крива Паланка.

Инаку, Агенцијата завчера имаше акција за одземање на добиокот, која се одвиваше во тензична атмосфера, бидејќи, додека инспекторите на АХВ се обидуваа да ги заловат кравите, нивните сопственици ги бркаа назад кон ридот.
Во врска со случајот од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека полициски службеници од ОВР Крива Паланка од слобода ја лишиле 27-годишната Ј.Ѓ. од селото Жидилово, затоа што спречила вработени од Агенцијата за храна и ветеринарство во извршување на службени дејствија, односно постапувале по решение за одземање домашни животни – крави.
„Таа била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава“,
се наведува во информацијата од МВР.
Како што објавија медиумите станува збор за околу 500 грла добиток, од кои инспекторите завчера успеале да заловат само дваесетина крави. Претходно лани, АХВ залови шеесетина крави кои се наоѓаат во кланица, за кои се чека одлука на Владата, како ќе се постапува со нив.

За потсетување, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Крива Паланка во декември лани поднесе обвинителен предлог против таткото и двете ќерки, кои се водат како сопственици на добитокот за сторено кривично дело – спречување службени лица во вршење службено дејствие.
Во описот на случајот од Обвинителството тогаш наведоа дека на 2 декември таткото и двете ќерки во местото Самоков, во близина на кривопаланечкото село Луче, спречиле вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да извршат одземање крупен добиток.
Таткото е обвинет и за загрозување на сигурноста, бидејќи се заканува на четири лица, додека една од ќерќите се товари и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста. Таа, како што соопштија тогаш од Обвинителство, телесно повредила полициски службеник што бил повикан да асистира при одземањето на говедата, влечејќи го и гребејќи го по лицето.
Со обвинението, надлежниот јавен обвинител до Судот тогаш достави и предлог на таткото и двете ќерки да им биде определена мерка притвор.
Државата, пред повеќе од година и половина, формално ги одзеде кравите од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и од неговите три ќерки. Меѓутоа, тие се државни само на хартија, пишуваше „Призма“ кон крајот на декември.
Ѓорѓиевски во изјава за Телма, пак, тврдеше дека нема проблем што добитокот му се одзема, но бра тој добро да се чува, а смета и дека треба да добие некаков надомест затоа што години го одгледувал добитокот.
