Поднесени се и 8 кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека во изминатата 2025 година спровела вкупно 125 илјади контроли и изрекла парични казни во износ од 618 илјади евра.
„Покрај домашниот промет, предмет на контролите беа и производството, дистрибуцијата, угостителството, но и увозот и извозот. Акцент со контролите беше ставен на имплементирањето и одржувањето на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса и НАССР системот за безбедност на храната, како и соодветното означување на храната, мониторинг на храната од домашното производство и од увоз, здравствената заштита и благосостојба на животните. Фреквенцијата на официјалните контроли се вршеше согласно категоризацијата на објектите (операторите со храна) по ризик, при што категоризираните објекти со висок ризик беа почесто контролирани од оние кои се категоризирани како оператори со низок ризик“,
соопшти АХВ.
Оттаму додаваат и дека издадале 5 406 решенија, поднеле 10 прекршочни пријави, изрекле и 1 073 прекршочни платни налози со вкупна вредност од 618 010 евра во денарска противвредност.
Поднесени се и 8 кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Од Агенцијата одзеле и уништиле големи количини небезбедна храна.
„Во рамки на овие контроли, одземена и нештетено уништена беше небезбедна храна (месо и месни производи, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи и алкохолни и безалкохолни пијалаци) во вкупна количина од 355 377 килограми“,
велат од АХВ.
Инспекциските служби на Агенцијата спровеле и 78 016 контроли на увозните пратки и пратките што транзитираат низ земјава, со храна од животинско и неживотинско потекло, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и живи животни.
„Како небезбедни уништени беа 8 пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69 785 килограми, а една пратка беше вратена во земјата извозник. Како небезбедни во рамки на овие контроли уништени беа три пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22 061 килограми. Во истиот временски период како небезбедни вратени беа 16 пратки со храна од животинско потекло“,
додаваат оттаму.
