„Болеста не е зооноза, односно не се пренесува и не е опасна за луѓето, но може да предизвика големи економски загуби“, велат од институцијата
Болеста сипаници кај овци и кози е потврдена во четири одгледувалишта низ земјава, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Првпат болеста е евидентирана пред еден месец во едно одгледувалиште во кумановското село Лопате од страна на Факултетот за ветеринарсатво во Скопје.

„Досега болеста е потврдена во четири одгледувалишта. Во првото примарно жариште се убиени и нештетно отстранети 65 овци. Во другите две жаришта вкупно се уништени и нештетно отстранети вкупно 61 овца“,
велат од АХВ.
Оттаму преземаат мерки за сузбивање на болеста, спречување на нејзино ширење и ставање под контрола, согласно решенијата за контролни и заштитни мерки во однос на болеста сипаници кај овци и кози.
„Дефинирани се заштитна и зона под надзор, од три и од десет километри. Наложени се и спроведени се мерки за убивање и нештетно уништување и животните во одгледувалиштата каде е потврдено присуството на вирусот, забрането е движење на животни од видовите овци и кози во зоните, а се спроведува и попис на сите одгледувалишта и клинички преглед на животните. Во случај на сомнеж се земаат примероци за лабораториско тестирање“,
се вели во соопштението од Агенцијата.
На одгледувалиштата каде што болеста е потврдена е наредено спроведување на мерки за чистење, дезинфекција и третман на просториите, возилата и опремата.
Официјалниот ветеринар во кланицата потребно е задолжително да земе примероци за лабораториско тестирање од сите сомнителни животни. Што се однесува до домашното колење, во двете зони, задолжително мора да се пријави кај надлежното ветеринарно друштво кое мора да изврши клинички преглед на животните и за колењето да го извести официјалниот ветеринар од АХВ.
Истовремено, Агенцијата го засилува и бројот на контроли на одгледувалиштата на овци и кози во однос на примената на идентификација и регистрацијата на животни, нивните движења и здравствената состојба на животите.
„Болеста не е зооноза, односно не се пренесува и не е опасна за луѓето, но може да предизвика големи економски загуби“,
информираат од АХВ.
Во регионот болеста е присутна на територијата на Грција, Бугарија и Србија.
Инаку, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски заедно со директорот на АХВ, Оливер Миланов, денеска оствари средба со одгледувачите на овци поради актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во Липковско.
Според него, потребно е сите одгледувачи да ги почитуваат упатствата на надлежните институции.
„Извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање“,
рече тој.
