Според табелите што ги пласира лидерот на ДУИ, од вкупно 260 606 лица опфатени со пописот како нерезидентно население172,942 или 66,36 отсто се етнички Албанци
Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, изрази задоволство по објавувањето на податоците од пописот. Во статус на Фејсбук, тој им честиташе на институциите за реализираната статистичка операција и посебно се задржа на застапеноста на албанската етничка заедница во неколку категории опфатени со пописот.
„Денеска Северна Македонија, по 20 години, има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата. Албанците се 29,5 проценти во општата популација и 24,3 отсто во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8 отсто (од 20,04 отсто во 2002 година). Им честитам на сите институции кои беа вклучени и помогнаа пописот, кој како процес почна во март минатата година, со регистрација на дијаспората, да заврши со успех“,
напиша Ахмети.
Тој објави и неколку табели кои ја покажуваат бројната и процентуална застапеност на етничките заедници во општата популација, како и во резидентното и во нерезидентното население.
Според табелите што ги пласира Ахмети, од вкупно 260 606 лица опфатени со пописот како нерезидентно население, кое моментно не живее во државата, (мнозинството) 172,942 или 66,36 отсто се етнички Албанци.
Лидерот на ДУИ, исто така, објави и табела според која ако од вкупно попишаните се издвојат лицата за кои податоците се земени од административни извори, односно оние кои не биле попишани на терен (станува збор за 132 260 лица за кои не е утврдена етничка припадност или вероисповед), тогаш процентуалната застапеност на етничките Албанци би била 31,51 отсто.
*Повеќе вести поврзани со пописот:
- Објавени резултатите од пописот 2021: Во земјава живеат 1 836 713 лица
- Пописот низ етничка призма: Во земјава живеат 58,44% Македонци, 24,3% Албанци, 7,2% „непрашани“, 3,8% Турци…
- Кај 132 260 жители графата за етничката припадност е празна, најмногу ги има во Скопје, Куманово и Струмица
- Во земјава живеат 3 504 лица што се декларираат како Бугари
- Попис 2021: Скопје има речиси 20 илјади жители и над 50 илјади стана повеќе од 2002 година
- Ковачевски: Пописот содржи релевантни информации
- Ахмети се огласи за пописот: Во Скопје сега има 22,8% проценти Албанци, наспроти од 20,04% во 2002 г.