Демократски е, вели лидерот на ДУИ, некој да има мнозинство од 61 пратеник, но сосема друго е стратегија, концепт и иницијатива
Не сме загрижени за ситуацијата со опозицијата. За нас се приоритет државните, а не партиските интереси – да го решиме проблемот со Бугарија, да функционира земјата во нормална состојба, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред средбата на партиското раководство во Тетово.
Како што рече Ахмети, ДУИ е отворена за разговори со сите кои се про ЕУ и НАТО, но нема комуникација, ниту ќе има комуникација со оние што негуваат анти-НАТО, анти-ЕУ и анти-албанска филозофија.
Демократски е, смета Ахмети, некој да има мнозинство од 61 пратеник, но сосема друго е стратегија, концепт и иницијатива.
„На средбата ќе се анализираат актуелните политички случувања, а целта е како да се зачува нормалната состојба во државата. ДУИ е партија со голем кредибилитет и приоритет. Секогаш ги става државните интереси пред партиските. Државните интереси се приоритет и тоа е најважно. Да го решиме проблемот со Бугарија, да функционира државата во нормална состојба. Не сме загрижени од ситуацијата со опозицијата“,
истакна Ахмети пред средбата.
На новинарско прашање дали е точно дека пратеници од ДУИ ќе го зголемат мнозинството на Христијан Мицкоски, Ахмети рече дека тоа се лажни вести и дека ДУИ е комплетна.
Во врска со статусот што го објави на Фејсбук Шкодране Дардишта, членка на Одборот на директори на Македонски телеком, Ахмети потенцира дека ДУИ во својата кауза ја има слободата, а таквите изјави не се во интерес на партијата и каузата.
Дердишта, претходно, коментирајќи ги актуелните политички случувања порача никој да не си игра со оган и рече дека „се уште ги чуваат чизмите на таван“.
„Сè уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него“,
напиша Дардишта на својот Фејсбук-профил.