„Следната недела ќе разговараме за конкретни делови за работа на Фронтот, но и за развојот внатре во ДУИ и другите партии. ДУИ не е направена за да се распадне, туку е формирана за да гради. Нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно, може да разговараме пак за таа тема“, изјави Ахмети по состанокот на Централното претседателство на партијата
Одлука за нов состанок наредната недела на кој освен за „конкретни делови“ околу „Фронтот за Европа“, на дневен ред ќе се најде и дебатата за внатрепартиските односи што ја наметна т.н. „огнена група“ на ДУИ, е епилогот од денешната седница на Централното претседателство на Демократската унија за интеграција што се одржа во партиското седиште во Мала Речица.
На денешната седница единствена точка на дневен ред била иницијативата „Фронтот за Европа“, но за наредната средба, закажана за точно една недела, ќе стане збор и за барањата на „огнените“, кои подолг период бараат смена на првиот вицепремиер Аратн Груби, но и на други функционери од ДУИ во државните институции.
Ова го најавија претседателот на партијата Али Ахмети и портпаролот Бујар Османи по завршувањето на седницата која траеше околу три часа.
Ахмети изјави дека ќе продолжи да се дебатира за „Фронтот за Европа“, односно за процесот на уставни измени, кој е услов земјава да ги продолжи пристапните преговори со Европската Унија. Но, ако е потребно, ќе разговараат и за темите што ги наметна „огнената група“.
„Следната недела ќе разговараме за конкретни делови за работа на Фронтот, но и за развојот внатре во ДУИ и другите партии. ДУИ не е направена за да се распадне, туку е формирана за да гради. Нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно, може да разговараме пак за таа тема“,
изјави Ахмети по средбата.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, по средбата, исто така во кратка изјава за медиумите, рече дека седницата била посветена на „Фронтот за Европа“ и нагласи дека е неопходно да се соберат во еден заеднички фронт сите проевропски сили во државата за да се направат суштински чекори.
Ако се испушти овој моментум, посочи Османи, државата може да се најде во изолација.
„Сметајќи дека има неповторлив моментум за брзо зачленување во Европската Унија низ брза лента што се предвидува за регионот, имајќи го предвид решението на косовско-српскиот дијалог. Сметаме дека е ургентно е неопходно да се соберат во еден заеднички фронт сите проевропски сили во државата за да се направат суштинските чекори. Бидејќи ако се испушти овој моментум, можеме да влеземе во сериозна ситуација на изолација. Едногласни беа ставовите на сите членови на претседателството дека важен е овој фронт, дека ова е единствена платформа за да се концентрира европската енергија на општеството за да се обезбеди европска иднина на граѓаните“,
изјави Османи.
Што се однесува за прашањето за отчетност на министрите од ДУИ во Владата, за кои зборуваат „огнентите“, Османи рече тоа прашање е затворено.
„Нема тема за отчетност, таа тема е затворена, други теми кои можат да ги пријават членовите на раководството за било какво незадоволство или разлики е закажано за другата недела, а прашањето за отчетноста е затворена тема“,
рече Османи, пренесува ТВ 21.
По средбата и членовите на „огнените“, кои беа присутни на денешната седница, најавија дека за нивните барања ќе има дебата наредната недела.
Портпаролот на ДУИ ја објасни и состојбата со назначување на координатори во ДУИ во некои нивни ограноци. Информираше дека Централното претседателство едногласно има одлучено за распишување избори во сите ограноци.
„ДУИ е една од првите партии која почнува избори на претседатели на ограноци по принцип еден член еден глас. Тоа е завршено веќе во Тетово, Гостивар и претседателството одлучи да се почне процес таму каде што не е почнат. Кога има лансирање изборен процес, претседателот Ахмети назначува координатор додека не се направи избор тој координатор е и координатор на политички процеси во тој огранок. Нема ништо спорно, од претходни избори процеси, каде секаде имаше координатор во текот на изборите, имаме координатор по зони, координатор по ограноци и координатор на ниво на избирачки места. Тоа е начинот на кој функционира ДУИ“,
рече Османи.
По средбата и членовите на „огнените“, кои беа присутни на денешната седница, најавија дека за нивните барања ќе има дебата наредната недела.
Инаку, во пресрет на денешната седница „огнената група“ објави листа на разрешени функционери обвинувајќи дека првиот вицепремиер Груби ги разрешува оние што мислат поинаку во ДУИ.
Тие велат дека политичката елиминација била изведена на најбрутален можен начин, на начин како што во време не едноумието, преку ноќ биле менувани „неподобните“ кадри.
„Разликата е во тоа што овие разрешувања, иницирани од гневот на Артан Груби, беа предупредувани од неговите мегафони, клеветнички портали, корумпирани со парите на граѓаните кои никогаш не гласале за Груби. Заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, кадар-модел на ДУИ кој донесе низа победи на Гостивар, после поразите на кампањата на СРМН на Артан Груби. Овој човек е разрешен без никаква забелешка за неговото работење. Ресми Ејупи, Аднан Ејуп, многу директори на клиники, како Алајдин Мемеди, Бесим Кока, Азиз Максути, Ќамил Ковачи, потоа Фикри Алити, Миѓен Селмани, Нехат Нухиу, Ајрула Мустафа и други, беа разрешени само затоа што мислеа поинаку, без никаква причина или евентуален пропуст во нивните должности“,
велат од „огнената група“.
Тие укажуваат дека нивна цел е демократизација на ДУИ и создавање амбиент за соочување на идеите, а не поделеност меѓу сопартијците, како што според нив тоа го прави Груби, само за да ја спаси својата незаслужена фотелја, подвлекуваат „огнените“.
Првиот вицепремиер, пак, пред почетокот на денешната седница, прашан за обвинувањата од „огнената група“, кратко изјави:
„Не верувам дека веќе постојат“
Лидерот на ДУИ, исто така пред почетокот на денешната средба, одговарајќи на новинарско прашање „која песна ќе ѝ ја испее на ‘огнената група’“, за ТВ 24 кратко изјави:
„Црни облаци дуваат“