Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека оваа пролет ќе се излезе од ќор-сокакот и спорот со соседна Бугарија ќе биде решен. Тој во гостување за локалната телевизија Глоби во Гостивар рече дека решавањето на ова прашање е во интерес на САД и на ЕУ.
„Во овие 20 години ниту еднаш не сум бил разочаран од нивните постапки. Јас сум оптимист дека овој проблем ќе се реши уште во рана пролет. Решението ќе дојде пред парламентарните избори во Бугарија“,
рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пренесува МИА.
На темата попис, Ахмети посочи дека сите кои живеат во земјава и имаат имот ќе бидат попишани. Тој уверува дека институциите ќе си ја вршат нивната работа, па така сите кои живеат во земјава и надвор од неа ќе бидат опфатени.
„Во врска со пописот имаше дебати, вклучително и јавни дебати. Тоа е статистичко прашање, а не политичко, таа операција мора да се заврши. Тоа од нас го бараат и релевантни меѓународни институции како ОН и од ЕУ. Мора да имаме попрецизна статистика за економијата на земјата, за имотот на земјата, за населението во земјата и никој нема да биде исклучок. Прво ќе се регистрираме тука, а потоа оние кои се во странство преку валидни документи од нивните роднини тука или преку Државниот завод за статистика. Се знае колку постојано живеат тука, а колку надвор. Но, сепак, сите се жители на оваа земја“,
рече претседателот на ДУИ.
За очекувањата од резултатите, тој напомена дека Албанците не може да бидат помалку од 25 проценти, колку што биле и во 2002 година. Бројката ја образложи со констатацијата дека Албанците во Македонија имаат стапка на наталитет која последниве години е зголемена.
Околу измените за процедурите за издавање на државајанство, Ахмети смета дека ова прашање е премногу политизирано. Според него, последниве 12 години државјанство добиле околу 15 000 граѓани, а без државјанство се околу 3 500 лица.
„Граѓаните непотребно се манипулираат со ова. Не станува збор дека 50 или 100 илјади граѓани се без државјанство и дека половината се Албанци. Вкупно, според податоците и информациите што ми ги доставија надлежните органи кои се занимаваат со овие проблеми, нема повеќе од 3 500 граѓани без државјанство. Мнозинство од нив не се Албанци, туку тие припаѓаат на ромската заедница“,
рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за гостиварската телевизија Глоби.