Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вечерва од Тетово порача дека тој е убеден оти Теута Арифи ќе добие трет мандат за градоначалник
Демократската унија за интеграција (ДУИ) вечерва во Тетово одржа партиска конвенција на која беа претставени Теута Арифи како кандидат за градоначалник и кандидати за членови на Советот на општината. Беа промовирани видеоспотови преку кои кандидатите ќе се претставуваат пред граѓаните.
Досегашната градоначалничка Теута Арифи пред присутните рече дека нема дилема за победникот и дека ќе го добие и следниот мандат, иако партијата е сама на избори без коалициони партнери.
„Во среде пандемија воспоставивме јавен превоз, го асфалтиравме патот до Шипковица, успеавме да отвораме градинки во селата и многу други работи. Сево ова е мотив за оваа млада екипа на советници. Денес е можност за еден нов свет. Јас велам и дека има многу да се работи. Јас сум тука пред вас, сум кандидат по трет пат, затоа што вие ми ја дадовте таа чест, Тетово е универзитетски град, град на промени, им благодарам на граѓаните и да им порачам дека може заедно повеќе да направиме“,
рече Теута Арифи.
Носителот листа, Бљерим Османи, посочи дека петте партиски цели, младиот кадар и посветеноста ќе значи исполнување на идејата за подобро Тетово.
„ДУИ има капацитет да владее и наредните 20 години, а најголем аргумент за ова тврдење на претседателот е кандидатската листа за советници кои се млади. Да направиме прогрес, да се ангажираме за секој граѓанин на Тетово за да ја постигнеме нашата агенда. ДУИ секогаш нуди конкретни програми, овојпат имаме зелена агенда. Подобрување на животот на граѓаните ќе биде наша цел“,
рече Османи.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, нагласи дека партијата за 20 години никогаш не ја изгубила целта.
„Не сме пресметале дали ќе победиме или не, ние сме подготвиле проекти. Јас сум оптимист како што станавме членка на НАТО и така ќе се интегрираме во ЕУ. Јас сум сигурен дека ќе се случи победа во Тетово на 17 октомври, Теута ќе добие трет мандат, Теута има предност, таа е победник, може да реализира уште повеќе во мандатот од 17 октомври натаму“,
рече Али Ахмети, претседателот на ДУИ на конвенцијата во Тетово.