„Криминалот на семејството Ахмети и на првенците на ДУИ дури и најголемиот дел од Албанците во Македонија со презир го отфрлаат и одбиваат да го прифатат“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во ИЕ 1
Човекот кој се колне во условно кажано европските вредности покажува на отворена сцена едно недолично, некултурно однесување, навредува и мислам дека на сите им е јасно за каква личност во суштина станува збор. Жалам што на крајот од својата политичка кариера наместо идеолог, тој го покажува сиот свој примитизам во полн ек, но тоа е, претпоставувам, негова одлука и одлука на тие што го советуваат.
Ова денеска во гостување во Дневникот на ТВ Сител го рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан за изјавата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети му ја упати вчеравечер од митинг, порачувајќи му да не започнува белјата и да го избира секој збор, посочувајќи дека Мицкоски е пораснат на бисквити, а тој во кула од камен.
Според Мицкоски, кај Ахмети владее страв и паника од, како што рече, резултатот и поразот кој следува.

„Сето ова кога ќе се стави на едно, тогаш се создава кај него страв и паника од резултатот и поразот кој следи на следните избори. Чувството дека после 20 и кусур години ќе биде во опозиција, но и стравот дека кога ќе е во опозиција ќе не може да ги користи методите кои ги користеше досега ДУИ предводена од него, и стравот дека наместо како идеолог, како што пледира да се претстави, забарикадиран во тврдина со камен, ќе биде еден обичен ситен криминалец и така ќе заврши својата политичка кариера. Мислам дека млекото и кексите ќе му преседнат многу скоро“,
рече тој.
Според него, Ахмети одамна го има поминато рубиконот и, како што рече, прво создава револт кај Албанците кои се анти-ДУИ, што не се задоволни од политиката на ДУИ, бидејќи, додаде Мицкоски, ги злоупотребува Албанците и се обидува да наметне монопол на македонската политичка сцена.
„Дополнително мобилизира анти-ДУИ расположение кај албанските гласачи и тие во голема мера ќе го гласаат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’ и професорката Силјановска“,
вели Мицкоски.
Криминалот кој го објавуваме на јавноста, според Мицкоски, а кој е поврзан со ДУИ или семејството Ахмети, рече дека тој го претставува како одбрана на албанските национални интереси.
„Криминалот на семејството Ахмети и на првенците на ДУИ дури и најголемиот дел од Албанците во Македонија со презир го отфрлаат и одбиваат да го прифатат“,
вели тој.
Во таа насока, Мицкоски рече дека е потребно граѓанско, политичко, општествено обединување околу ВМРО-ДПМНЕ, со цел, според него, да се стави крај на поразите кои се резултат на политиките на неколкумина во раководството на ДУИ и неколкумина нивни измеќари во раководството на СДСМ.
„За да печалат на грбот на граѓаните ја доведоа Македонија во оваа состојба во оваа која е и во политичко мочуруште во кое сме сите благодарение на нив“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако имаат таков тип консензуски обединувања, тогаш, според Мицкоски, ДУИ ќе биде тотално делегитиминирана и дефакторизирана од македонската политичка сцена.