На три и пол месеци пред предвремените парламентарни избори, Али Ахмети од партискиот конгрес во Скопје испрати порака до Христијан Мицкоски дека без почитување на договорите со Грција и со Бугарија и на Рамковниот договор (законот за јазици), не треба да се надева на евентуална коалиција со ДУИ за идна влада. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, во говорот на денешниот партиски собир во Скопје речиси ги одбегна овие теми, но не можеше да го одбегне скандирањето од публиката: „Никогаш Северна, само Македонија“ и пеењето „Едно име имаме“
Демократската унија за интеграции (ДУИ) денеска го одржа четвртиот конгрес, на кој Али Ахмети беше реизбран за лидер на партијата. Тој, пак, од говорница им испрати јасни пораки на интегративците и на другите политички партии. Освен дека мора да има владеење на правото и проветрување во правосудството, Ахмети рече дека интеграцијата во НАТО и во ЕУ остануваат стратегиски приоритети за партијата и дека секој што нема да ги почитува договорите со Грција и со Бугарија, како и Охридскиот рамковен договор, не може да смета на ДУИ како партнер.
„Нам ни останува да бидеме силни и стабилни во насока на целосно почитување на Охридскиот договор, Преспанскиот договор како и Договорот за добрососедство. Нема враќање назад. Нема ниту простор ниту време за да гледаме назад, ова се затворени прашања и обезбедуваат посигурна иднина на РСМ. Секое настојување за ставање раце на овие три елементи ќе биде соочено со отпор и нас нема да не има за партнери бидејќи се доведува во прашање иднината на нашите граѓани и идните генерации“,
рече Ахмети на конгресот.
Оваа порака од прва рака во СРЦ „Кале“ ја слушнаа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, меѓународниот секретар на партијата, Тимчо Муцунски, и пратеничката Ане Лашоска, кои присуствуваа како гости на конгресот на ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ: Едно име имаме
Претходно Николоски, Муцунски и Лашоска беа на собир на својата партија во спортскиот центар „Јане Сандански“, последен во серијата под мотото „Обнова на Македонија“, на кој лидерот Христијан Мицкоски беше прекинуван во текот на говорот од публиката која пееше „Едно име имаме“ и скандираше „Никогаш Северна, само Македонија“.
Во говорот, Мицкоски речиси и да ги одбегна темите за името, договорот со Бугарија и Законот за јазици. Ги спомена за момент кога му порача на членството дека им треба победа над сите порази што ги донел Зоран Заев.
„И затоа ни треба победа. Победа над сите порази кои ни ги донесе Заев. А, поразите се неуспеси. Виткањето кичма, трговијата со името, историјата, јазикот – да ги замениме со принципи и победи. Македонија губела, но и победувала, по секој пораз сме биле посилни и помудри, но и посилно сме се кревале“,
рече Мицкоски.
Промената на идентитетот, за што ВМРО-ДПМНЕ вели дека се случила со договорите со соседите, Мицкоски ја спомена уште еднаш, кога зборувајќи за Заев, рече оти се излажал дека ЕУ ќе го толерира затоа што го смени идентитетот.
Наспроти „скржавото“ споменување на овие теми од Мицкоски, неговите поддржувачи кои го слушаа во салата „Јане Сандански“ во неколку наврати скандираа „Никогаш Северна, само Македонија“ и ја пееја песната „Едно име имаме“. Аплаудираше и раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кој можеше да се слушне и како потпевнува.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при вчерашно гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“ не се помести од познатите ставови на партијата против договорот од Преспа, против договорот со Бугарија и Законот за јазиците во формата во која е усвоен.
Николоски рече дека нашата држава се соочува со штетата од Преспанскиот договор, но дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги ублажи последиците.
„Има два начина да се направи тоа: првиот е да освоиме двотретинско мнозинство за да можеме да пристапиме кон промена на Уставот и да го вратиме старото име. Доколку граѓаните не ни дадат толкава поддршка, треба да направиме брза серија реформи, да ја ставиме Македонија на брза лента, да се обидеме во скоро време да станеме членка на Европската Унија и, кога ќе сме на иста маса со Грција, да пробаме да ги менуваме работите“, рече Николоски додавајќи дека не е спорно оти требало да се направи договор, но дека не може поради тоа да се оправда лош договор.
Тој зборуваше и за средбата во Загреб со бугарскиот премиер Бојко Борисов на партиската делегација предводена од Христијан Мицкоски велејќи дека снимањето на првите минути од средбата биле одраз на крајно непрофесионално и тенденциозно однесување на Борисов и неговата екипа. Николоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ го смета договорот со Бугарија за штетен за земјава.
Пораката на Ахмети од конгресот доаѓа во период на тензични односи меѓу ДУИ и СДСМ откако помалиот партнер во владата, слично како и ВМРО-ДПМНЕ, поднесе илјадници амандмани на предлогот за воведување една изборна единица. Овој потег ја прелеа чашата кај премиерот, по неизборот на Павлина Црвенковска за член на Судскиот совет, неодобрувањето притвор за Трајко Вељановски и Љупчо Димовски и други настани, по што Зоран Заев изјави дека треба да се преиспита одржливоста на коалицијата со ДУИ.