Писмата се испратени до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испратил писма до повеќе меѓународни претставници и шефови на држави, загрижен за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што вели, ги загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во државата.
Ахмети, како што се наведува во соопштението од ДУИ, истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на клучните одредби на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето политичко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и регионот во целина.
Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија.
„Вознемирувачките планови, кои беа најавени од самата Влада, дека Уставниот суд планира да ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои што го утврдија Албанскиот јазик како службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата“,
се наведува во писмото од Ахмети испратено до Рама.

Како второ, тој упатува на одлуката на Уставниот суд од 17 октомври која се однесува на „балансерот“. Според Ахмети, станува збор за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции, што го крши принципот на колективни права на етничките заедници и со тоа, како што вели ги поништува основните механизми на „балансер“ и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор.
„Овие механизми се создадени за да ги гарантираат колективните права на етничките заедници според демографската реалност, обезбедувајќи основна заштита од било каква форма на доминација. Уставниот суд, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор“,
додава Ахмети.
На крај, по последните избори, основниот принцип на Охридскиот договор, кој бара формирање на политичко мнозинство врз основа на праведната застапеност на етничките заедници, беше сериозно прекршен, потенцира Ахмети во писмото.
„Ова дејствие не се однесува само на Демократската унија за интеграција (ДУИ), туку го загрозува принципот на праведна застапеност, гарантиран со Амандманот 6 на Уставот на Северна Македонија, кој служи како заштитен механизам против доминацијата на мнозинството над малцинствата“,
се наведува во писмото.
Овие не се само внатрешни политички прашања, туку имаат сериозни импликации за регионот и неговата стабилност, заклучува Ахмети во писмото и додава дека овие интервенции се закануваат да ги укинат клучните елементи на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година.
Писмата се испратени до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.