Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, објасни дека според Статутот во партијата не е дозволено фракционерство, но посочи дека тој и досега предлагал ова да се измени и да се дозволи фракционерско дејствување и најави дека ова ќе го поддржи на следниот конгрес на партијата
По речиси пет часа, заврши седницата на Централното претседателство на ДУИ по која претседателот на партијата Али Ахмети изјави дека фракции според Статутот не се дозволени, но рече дека на следниот конгрес ќе поддржи таква идеја. Овој став следува откако еден час претходно дел од членовите на претседателството кои се познати во јавноста како „огнена група“ рекоа дека ќе функционираат како фракција.
„ДУИ е партија која почитува вредности и почитува демократија. Се разбира, го почитува и размислувањето против. Што се однесува до фракционерството, јас имав таков предлог, имам дадено на партиски конгрес, меѓутоа изгубив на гласање од мнозинството и јас како демократ почитувам став на мнозинството и не ги напуштам институциите. Согласно тие одлуки на конгресот и Статутот на партијата, во ДУИ не се дозволува функционирање во фракции. Треба да се почека до следниот конгрес, јас ќе бидам тој што ќе поддржам еден таков став за фракционерско дејствување“,
рече Али Ахмети.
Иако во моментов фракции не се дозволени, лидерот на ДУИ рече дека не се зборувало за исклучување на членови од партијата кои се определиле да дејствуваат фракционерски.
„Секое дејствување спротивно на Статутот е анархија, а анархијата е најголемиот непријател на демократијата. Принципот е дека малцинството го почитува ставот на мнозинството. Инаку ќе биле анархична партија, каде што секој прави што сака. Фракционерството не е дозволено согласно Статутот, но не дискутиравме за исклучување. Демократијата е да се прифати ставот на мнозинството“,
изјави Али Ахмети.
На седницата имало извештај за работата на партиските функционери во Владата за кои мнозинството гласало позитивно.
„Имаше извештај за работата на претставниците во Владата по што следуваше една сосема отворена дебата по однос на работата на Владата, имплементирањето на законот за јазици, инфраструктурните проекти и воопшто случувањата во земјата. Сакав да ги слушнам, начинот на нивното функционирање. Јас сум посебно заинтересиран владините претставници во коалицијата да имаат добра соработка и тоа се образложуваше на седницата. И се отвори дебата на седницата. По дебатата, извештајот го ставив на усвојување. Од присутните членови на претседателството 26 гласаа за извештајот, шест беа против и тројца воздржани. Тука дебатата беше исцрпена и следниот состанок ќе го свикам зависно од развојот на случувањата“,
истакна Ахмети.
Тој рече дека на седницата го образложил развојот на настаните во земјата и во регионот.
„Со посебен акцент на постигнатиот договор меѓу Косово и Србија наречен уште и како охридски договор. Договор што е важен и за нас и за целиот регион, бидејќи регионот влегува во една состојба на мир, што е особено важно за сите. Со желба овој договор да се почитува и да се имплементира од двете страни“,
посочи Ахмети.
Претходно, по четири часа од почетокот на седницата на Централното претседателство на ДУИ, дел од членовите кои се познати како „огнена група“ го напуштија состанокот и најавија дека ќе функционираат како фракција во партијата. Актуелниот организациски секретар во ДУИ, Блерим Беџети, рече дека разликите се големи и од организациски аспект внатре во ДУИ, но и за дебатата за програмската определба врз основа на што ја добиле и довербата од граѓаните.