Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, два пати разговарал со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и вели дека не се согласува тој да си замине од премиерската функција.
Во изјава за ТВ21, Ахмети посочува дека имал тензичен разговор со Заев и му рекол дека не може да се прави компромис за големи работи, за тој да се повлече.
„Вчера имавме доста тензичен разговор со Заев, дека не се согласувам со таквото движење, со неговата оставка од партијата и претседател на Владата. Му ги нагласив силните позиции на ДУИ. Овие се локални избори, ние пред 1 година победивме на општите избори и добивме мандат за да раководиме со политиките на државата. Така да и денеска повторно разговарав со Заев, му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Да се разгледа во неговата партија оваа одлука која според мое мислење е забрзана и неоснована“,
вели Ахмети за ТВ21.
Во меѓувреме, во владината зграда во тек е средба на Заев со коалициските партнери кој тој ги повика на состанок откако синоќа си поднесе оставка. Пред почетокот на средбата, помалите коалициски партнери во власта (ДОМ, ЛДП, ДПА и НСДП), порачаа дека остануваат во владејачкото мнозинство и не поддржуваат предвремени избори.